Масите пред модерните барови и ресторани на Стокхолм се празни во текот на ведрите октомвриски вечери, додека внатрешноста на угостителските објекти е исполнета со гости. Со седењето во затворени простории бројот на случаи неизбежно ќе се зголеми, според Јохан Карлсон, првиот човек на шведската агенција за јавно здравје. А бројот на случаи веќе расте, иако не така брзо како претходната пролет. Одговорот на Шведска се состои од засилување на следењето на контактите и карантините, но на начин кој повторно ја издвојува од останатите држави, пишува „Економист“.

Кога пандемијата изби во март, Шведска се издвојуваше преку избегнување на карантинот, со поблаги превентивни мерки. За да спречи појава на втор бран на ковид-19, Шведска воведува нови мерки. Таа неодамна продолжи со следење на контактите и со воведување карантин, заедно со проширените капацитети за тестирање. Во поголемиот дел од Европа, воведени се строги 14-дневни карантини за контактите на заразените и оние што патуваат. Шведскиот карантин, пак, трае седум дена и се однесува само на оние кои живеат заедно со заразено лице. Ако нивниот тест е негативен по пет дена, карантинот завршува. Децата без симптоми се изземени од карантинот. Сите други контакти само добиваат известување дека постои ризик за зараза. На нив им се препорачува да работат од дома во текот на седум дена, да се тестираат ако имаат симптоми во текот на следните 14 дена и да бидат внимателни при контактите со повозрасните лица.

Шведскиот пристап се сведува на воведувањето мерки со кои „луѓето ќе можат да живеат“ во текот на барем уште една година, според д-р Карлсон, бидејќи уште нема вакцина. Целта е спречување на ширењето на ковид-19 без да се наруши вообичаениот начин на живот на луѓето, кој би можел да го загрози нивното физичко и психичко здравје, како и финансиската состојба.

Се проценува дека шведскиот пристап може да го спречи ширењето на заразата во најголема мера, додека луѓето ги почитуваат мерките. Резултатите допрва ќе се видат во наредните неколку месеци.