Шведската влада предложи нов закон со кој ќе се дадат поголеми овластувања за борба против пандемијата на коронавирусот.

Новиот закон ќе ѝ даде на владата слобода за спроведувањето рестриктивни мерки, како што се затворање трговски центри и спортски сали.

Законот најпрвин ќе им биде презентиран на релевантните засегнати страни пред да биде изгласан во парламентот, а спроведувањето на законот би можело да почне на 15 март и да биде во сила околу една година, се вели во соопштението на владејачката коалиција, пренесува „Ројтерс“.

Вториот бран на пандемијата ја погоди скандинавската земја до тој степен што беа забележани негативни дневни рекорди, а бројот на хоспитализирани лица и починати скокна во претходните два месеца.

Предлог-законот наведува дека владата ќе има поголема можност да ги следи и утврдува мерките за борба против пандемијата, како што се ограничување на луѓето, одредување работно време во продавниците, но и целосно затворање во краен случај.

– Сепак, затворањето е многу наметлива мерка. Таквата одлука треба да биде предмет на дискусија во парламентот – рече министерката за социјални работи, Лена Халенгрен.

Шведскиот закон не ѝ дозволува на владата да спроведе драконски мерки, како што е целосно затворање на економијата.