Швајцарската влада вчера го повлече планот според кој рестораните и баровите требаше да ги евидентираат имињата и телефонските броеви на нивните посетители како начин за борба против коронавирусот, поради нарушувања на приватноста, пренесува „Асошиејтед прес“.

Додека Швајцарија постепено излегува од забраните поради ковид-19, рестораните од целата земја беа соочени со овој услов, според кој требаше, почнувајќи од понеделник, да ги земаат контакт-информациите на нивните гости, како дел од превентивните мерки.

Но, откако оние што се залагаат за приватноста, сопствениците на рестораните и правните експерти се спротиставија, владата ги повлече своите планови, признавајќи дека не постои правна основа за такво барање. Надлежните сега порачаа дека оставањето на информациите е незадолжително, но се препорачува.

Во соседна Австрија, министерката за туризам Елизабет Кестингер рече дека од гостите нема да се бара да се регистрираат при посетата на рестораните. Од нив ќе се бара да резервираат однапред, така што сопствениците на ресторани можат подобро да ја испланираат нивната посета.