Швајцарскиот регулатор на лекови ја одобри вакцината на „Џонсон и Џонсон“ против ковид-19, изјави денеска портпаролот на агенцијата, со што во земјата досега одобрени се вакцини од три производители: „Џонсон и Џонсон“, „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“. Швајцарија сè уште не нарачала од вакцината.

„Џонсон и Џонсон“ се прима само во една доза, а досега е одобрена во САД, Канада и во ЕУ.

Иако пратките за вакцини во САД се веќе почнати, Европа вакцината ќе ја добие дури во вториот квартал.

Глобалното истражување на „Џонсон и Џонсон“, спроведено на 44.000 луѓе, покажало дека вакцината е 66 проценти ефикасна во спречување умерен до тежок вид на болеста четири недели по вакцинацијата. Вакцината е 100 проценти ефикасна во спречување хоспитализација и смрт.

Швајцарија нема да ја нарача вакцината веднаш бидејќи верува дека, веројатно, нема да може да ја добие поради тешкотии во снабдувањето.

До денес Швајцарија примила 1,38 милион дози вакцини на „Фајзер“ и „Модерна“, а искористени се 1,34 милион, соопшти Федералното министерство за здравство. Околу 433.000 луѓе ги примија двете дози.