Европската Унија се соочува со недостиг на вакцини против коронавирус, но Европската комисија се соочи со уште поголем недостиг на одговори за се погласното негодување од земјите-членки кои почнуваат да бараат нови сојузници за процесот на имунизација против ковид-19, пишува „Политико“.

Во изминатите неколку дена, Данска, Австрија, Полска, Словачка и Чешка и се приклучија на Унгарија во оттргнувањето од стратегијата за вакцинација на ЕУ, преку снабдувањето со вакцини надвор од границите на Унијата. Во тој процес тие упатија жестоки критики кон европскиот блок, велејќи дека нивните граѓани не можат да чекаат на Европската комисија. Соочена со нападите Комисијата завчера уште еднаш бараше поголемо разбирање, но не понуди решенија, освен инсистирањето дека има доверба во сопствениот приод.

Јас нема да чекам – порача унгарскиот премиер Виктор Орбан, објаснувајќи ја одлуката на Будимпешта да купи вакцини од Русија и од Кина, откако самиот Орбан се имунизираше со вакцината на „Синофарм“.

Ерозијата на европската солидарност во изминатите неколку денови исто така сугерира дека европските лидери му дале уште една шанса на Брисел за време на видео-самитот минатиот четврток, за да приложи конкретни, позитивни вести за вакцинацијата во ЕУ, кои тие би можеле да ги пренесат до населението во нивните држави.

Наместо тоа, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, само повторија дека претстојат уште неколку тешки недели. Тие потенцираа дека залихите на вакцини создадени во ЕУ постепено ќе се зголемуваат напролет и дека ќе се бараат начини за зголемување на производствените капацитети. Останува да се види дали и други земји-членки ќе се оттргнат од стратегијата за вакцинација на ЕУ.