Црвениот крст објави план од 100 милиони швајцарски франци (110 милиони долари) за да помогне во имунизацијата на 500 милиони луѓе ширум светот против ковид-19, поради загриженоста за големите нееднаквости во распределбата на вакцини меѓу богатите и сиромашните земји.

Меѓународната федерација на друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина соопшти дека 50-те најсиромашни земји во светот примиле само 0,1 процент од вкупно дадените дози на вакцини досега, а 70 отсто од нив ги добиле 50 најбогати земји во светот.

Федерацијата предупреди дека таквата нееднаквост потенцијално може да има смртоносно и разорно дејство бидејќи областите во светот што остануваат невакцинирани може да овозможат ширење и мутација на вирусот.

Планот вклучува започнување национални кампањи за вакцинација, чекори за градење доверба во вакцините и напори за спротивставување на дезинформациите за нивната ефикасност.