Милиони луѓе во Вухан ќе бидат тестирани за ковид-19, откако во овој кинески град се појавија нови случаи и покрај 76-дневната изолација која имаше за цел да го елиминира вирусот, пренесува Си-ен-ен.

Во текот на изминатиот викенд беа регистирани шест нови случаи, за првпат во изминатите 35 дена. Ниту еден од случаите не е увезен од странство, а ова предизвика загриженост во градот кој беше жариште на инфекцијата. Како одговор, властите во Вухан ќе спроведат 10-дневно тестирање на населението со тестови со нуклеинска киселина.

Тестовите со нуклеинска киселина функционираат на тој начин што го откриваат генетскиот код на вирусот и се поефикасни во откривањето на заразата, особено во нејзината рана фаза, наспроти тестовите кои испитуваат имунолошки одговор на организмот откако ќе се соочи со вирусот, иако вторите се полесни за спроведување.

Во т.н. „десетдневна битка“ ќе бидат тестирани над 11 милиони жители. Вухан беше првиот град кој наметна мерки изолација во обид да се сузбие ширењето на коронавцирусот. 

Повторното појавување на вирусот веќе има последици врз локалната власт. Државните медиуми вчера објавија дека Жанг Јуксин, главниот службеник на областа Чанцин, е отпуштен од неговото работно место поради неуспехот во спречувањето на ширењето на епидемијата.

Вухан не е единствениот дел од Кина каде што се откриени нови случаи. Североисточниот град Шулан во неделата беше ставен под „режим на контрола за време на воена состојба“ откако беа потврдени 11 заболени од коронавирусот. 

Кина не е ниту единствената земја од Азија во која коронавирусот повторно зема замав. Во Јужна Кореја, за која се веруваше дека го поминала врвот на заразата, се појавија нови случаи во Сеул, а јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин рече дека борбата со вирусот сѐ уште не е завршена.