Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн

Економските аналитичари ценат дека иако иновативноста и креативноста во кризни периоди треба да бидат најголеми, кога фокусот на општеството е преполитизиран, тесен е просторот за нивен развој

Колку што е голем предизвикот за здравствените власти во борбата со глобалната пандемија на коронавирусот, можеби уште поголем е економскиот предизвик за државите. Уште со најавата на (глобалната) економска криза, експертите од таа област укажуваа дека за нејзино надминување ќе бидат потребни храброст и иновативност во економските гледишта и мерки, зашто и состојбите во кои ќе се најдат стопанствата навистина ќе бидат нови и со подлабоки последици од претходните економски кризи.

Како пример на иновативно економско-социјално размислување за спас од последиците на пандемијата, светските медиуми сѐ повеќе го наведуваат предлогот на премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн. Таа и досега во текот на својот мандат во неколку ситуации ги доби симпатиите на своите сограѓани, но и на луѓето во светот, а сега им предложила на работодавците во нејзината земја да размислат за воведување четиридневна работна седмица, за оживување на туризмот и така да им се овозможи на вработените полесно да балансираат меѓу приватниот и деловниот живот. Ардерн им се обратила на сограѓаните преку Фејсбук по посетата на Роторуа и ја споделила својата идеја за пократка работна седмица и воведување повеќе државни празници за заживување на стопанството и стимулација на домашниот туризам, додека границите на другите држави се затворени и го оневозможуваат доаѓањето на странски туристи. Нејзините идеи граѓаните со задоволство ги прифатиле.

Роторуа е една од многуте популарни туристички дестинации на Нов Зеланд, а Џасинда Ардерн порачала дека многу Новозеланѓани изјавиле дека повеќе би патувале низ земјата кога би имале пофлексибилно работно време. Поради пандемијата на коронавирусот, домашниот туризам е фрлен на колена, како и секаде во светот, границите се затворени за странските туристи, а на многу граѓани им е намалена платата и го стегаат ременот поради загрозеното стопанство.
– Многу луѓе сугерираат дека би требало да имаат четиридневна работна седмица. Конечно, тоа е одлука меѓу работодавците и вработените.

Но како што реков, толку многу научивме за време на коронавирусот за флексибилноста на луѓето да работат од дома и продуктивноста што може да се извлече од тоа. Навистина сакам да ги охрабрам работодавците да размислат за ваквиот предлог, ако се во таква позиција. Ако тоа е нешто што би било соодветно за вашето работно место, размислете за тоа, зашто секако би му помогнало на туризмот во нашата земја – порачала новозеландската премиерка.

Идејата за четиридневна работна недела е тема за која се размислува уште пред пандемијата на коронавирусот, но глобалното намалување на економската активност и сѐ уште активната закана за туризмот како стопанска дејност ја туркаат понапред во листата на предлози за економски спас. Секако, во тој контекст на барање мерки за економски спас, и Македонија не е исклучок, а владата излезе со три сета на мерки, кои имаат за цел закрепнување на економијата по пандемијата. Дополнителна отежнувачка околност за македонската економија во овој постпандемиски период е што општествениот фокус е насочен кон изборите, а и во редовни услови кога се одржуваат избори економските активности вообичаено се ставени во лер.

– За четиридневна работна недела и воопшто за каква било иновативност со социјално-економски мерки, пред сѐ е потребно да биде регулирана социјалната легислатива. Веројатно предлогот во Нов Зеланд потекнува од синдикатите, а Владата го поддржува со субвенции на платите и придонесите, во соработка со работодавците. Реалноста на односите синдикати – влада – работодавци во Македонија едноставно го нема таквиот концепт и повеќе функционира на некои хаотични постулати. Ние, како Конфедерација на работодавци, предложивме како мерка ваучер за одмор за сите граѓани во Македонија, но тоа во мерките на Владата се појави како многу селективен концепт. Едноставно, реалните постулати на економијата во овој миг во Македонија не можат да ја поддржат идејата за четиридневна работна недела, а и секоја иновативност во поглед на економијата е политички ограничена, особено кога се очекуваат избори – смета Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавци на Македонија.

Што се однесува до применливоста на идејата за четиридневна работна недела во Македонија, како поддршка на домашниот туризам, претставници од туристичкиот сектор во земјата ценат дека за актуелните пандемиски услови таа е сѐ уште преоптимистичка.
– Пред сѐ, би сакал да ја поздравам идејата на новозеландската премиерка, која за мене би била применлива кога економски би се стабилизирала ситуацијата во нашата земја и во опкружувањето. Сосема друга димензија е да се споредат Нов Зеланд и Македонија во примеров. Речиси 70 дена голем дел од вработените во државава се принудно дома, а за некои од нив не се знае дали би имале одмор во наредниот период. Сега сите со полн елан и темпо едвај чекаат да почнат со нормален начин на работа и животот да се врати во нормала.

Ќе ни биде потребна неколку години напорна работа за да ги вратиме долговите што се акумулираа од овие три месеци неработење на светското и домашното стопанство и затоа ваква идеја од новозеландската премиерка е малку оптимистичка за нашето поднебје. Најголема поддршка за домашниот туризам во овој момент би било ако најголем број македонски граѓани се одлучат својот годишен одмор да го минат во Македонија наместо во некоја соседна земја – вели Аркан Керим, менаџер во областа на туризмот со долгогодишно искуство во секторот.