Холанѓанка на возраст од 107 години се опорави од коронавирусот и најверојатно ќе стане најстарата личност во светот која ја пребродила болеста.

Корнелија Рас се разболела на 17 март, ден по нејзиниот 107 роденден, објави холандскиот весник АД, откако била на миса со свои пријатели од старскиот дом во Горе-Оверфлке, остров во југозападниот дел на земјата.

Таа со 40 други лица од домот кои присуствувале на мисата тестирала позитивно на вирусот.

Во меѓувреме, дванаесет лица од таа група починале, но лекарите на госпоѓа Рас во понеделникот и соопштиле дека таа ја пребродила болеста.

– Не очекувавме дека ова ќе го преживее. Таа не користи лекови, сѐ уште се движи, а секоја вечер клекнува и му се заблагодарува на Господ за долговечноста. Како што стојат работите, се чини дека и натаму ќе може да го прави тоа – изјавила нејзината внука Маике де Грут.

Пред Корнелија Рас, најстариот документиран преживеан пациент од коронавирус беше 104-годишниот Американец, Бил Лапшис.

Холандија денека потврди уште 148 смртни случаи од коронавирус, со што сега бројката изнесува вкупно 2.396. Заразени се околу 21.000 луѓе.