Британската влада мора да воведе построги правила за национално затворање за да се избегне нов бран смртни случаи од новиот вид коронавирус, изјави водечкиот британски епидемиолог и владин советник Ендрју Хејворд, откако Велика Британија во понеделникот објави рекордни 41.385 смртни случаи од ковид-19.

– Влегуваме во многу опасна нова фаза на пандемијата и ќе ни требаат решителни рани национални активности за спречување на катастрофа во јануари и февруари – рече Хејворд, професор по епидемиологија на заразни болести на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Хејворд, кој е член на советничкото тело на британската влада за респираторни заболувања, рече дека новиот вид на Ковид-19, кој полесно се шири меѓу луѓето, значи дека постојните мерки за локдаун во Англија веројатно нема да го забават ширењето на болеста.

Тој исто така сугерираше дека има смисла училиштата да бидат затворени на подолг временски период бидејќи бројот на пациенти продолжува да расте, додава „Индипендент“.

Хејворд зборуваше за Би-би-си во време кога британскиот премиер Борис Џонсон се подготвува да ги преиспита мерките за Англија и кога наводно повеќе милиони луѓе ќе се најдат во области каде што ќе се применува четвртиот степен на ограничувања, што сега важи за околу 40 проценти од населението.