Документи поврзани со апликацијата за одобрување на вакцината против коронавирус на „Фајзер“ и „Бионтек“ биле цел на хакери. „Фајзер“ објави дека Европската агенција за лекови (ЕМА) била цел на сајбер напад.

– Важно е да се напомене дека ниту системот на „Фајзер“ ниту на „Бионтек“ не беа оштетени за време на инцидентот, но не знаеме какви лични податоци беа хакирани. Чекаме повеќе информации за истрагата во ЕМА и ќе реагираме соодветно и во согласност со европскиот закон – се вели во соопштението на „Фајзер“.

Земајќи ја предвид важноста на транспарентноста, додаваат од компанијата, ние ќе продолжиме да даваме јасни информации за сите аспекти на развојот на вакцините и регулаторниот процес.

Европската агенција за лекови, која во моментов размислува да одобри неколку вакцини против ковид-19 соопшти дека била цел на сајбер напад, без да прецизира кога е извршен нападот или кој стои зад него.

Сајбер нападите врз здравствените установи се интензивираа за време на пандемијата, а разни хакери, од шпиони до криминалци, се обидуваат да дојдат до најновите сознанија за епидемијата. Агенциите претходно објавија дека хакери поврзани со Северна Кореја, Иран, Виетнам, Кина и Русија се обвинети за обид за кражба на информации за САРС-КоВ-2 и за можен третман на вирусот.

ЕМА, која ги контролира лековите на сите 27 земји-членки на ЕУ, треба да ја објави одлуката за одобрување на вакцината на „Фајзер/Бионтек“, која е веќе одобрена во Велика Британија, Бахреин и Канада, најдоцна до 29 декември.