Меѓународниот синџир на снабдување со вакцини неодамна беше цел на сајбер-шпионажа, тврди технолошкиот гигант „ИБМ“, а пренесува „Би-би-си“.

Компанијата тврди дека открила кампања за шпионажа врз синџирот за транспорт со кој новата ковид-вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ се складира и дистрибуира на температура од минус 70 Целзиусови степени. 

Идентитетот на напаѓачите засега е непознат, но од ИБМ велат дека нивните методи укажуваат оти станува збор за разузнавачка служба на некоја на држава, а кампањата за шпионажа започнала во септември. Напаѓачите се претставиле како деловен директор од легитимна кинеска компанија која е вклучена во синџирот на снабдување, со цел да изгледа поверодостојно кога ќе се обидат да ги добијат потребните податоци за транспортот на вакцините. 

Станува збор за лажни мејлови испратени во шест земји со кои ќе се придобијат податоци за вакцините, а биле насочени кон организациите поврзани со Платформата за оптимизација на опремата за транспорт на „Гави“, меѓународниот сојуз за вакцини. Нејзини партнери се Светската здравствена организација, УНИЦЕФ, Светската банка и фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, кои помагаат за дистрибуција на вакцините низ целиот свет.

– Купувањето и транспортот на вакцините е важен дел од животот и економијата и затоа претставува примамлива цел за извршување на ваков сајбер-напад – велат од ИБМ. 

Кампањата е откриена од безбедносен тим, кој бил основан на почетокот на пандемијата со задача да ги пронаоѓа сите сајбер-закани поврзани со ковид-19. 

– Без јасен пат до исплата, сајбер-криминалците веројатно не би посветиле толку време и ресурси кои се потребни за извршување на една ваква операција – тврдат од ИБМ.

Тие сугерираат дека досегашната активност се однесувала на собирање информации, наместо на нарушување на какво било истражување.

Американската агенција за интернет-безбедност и инфраструктура (Сиса) издаде предупредување со кое ги охрабрува организациите поврзани со складирање и транспорт на вакцината да бидат внимателни кога станува збор за ваквите сајбер- напади.

Во јули, Велика Британија предупреди дека руски разузнавачки служби нападнале истражување за нејзините ковид вакцини од универзитетот „Оксфорд“. „Мајкрософт“ исто така соопшти дека биле забележани севернокорејски и руски хакерски напади насочени кон истражување на вакцините.