Повеќе од 900.000 луѓе во Франција побрзаа да закажат термин за вакцинација, откако претседателот Емануел Макрон предупреди дека ќе бидат воведени ограничувања за сите оние кои немаат здравствена дозвола со потврда дека биле вакцинирани или имаат негативен ковид-тест.

Најавувајќи голем број на мерки во борба против пандемијата со коронавирусот, Емануел Макрон рече дека вакцинирањето засега нема да биде задолжително за пошироката јавност, но истакна дека ограничувањата ќе влијаат на оние кои не биле вакцинирани.

Претседателот рече дека здравствените работници мора да бидат вакцинирани до 15 септември или ќе сносат последици.

Станислас Ниокс-Шато, кој раководи со Доктолиб, една од најголемите веб-страници во земјата посветена на резервации за термини за вакцинации, изјави дека рекорден број луѓе бараат вакцинирање по објавата на претседателот.

– За неколку минути имаше 7,5 милиони контакти со страницата Доктолиб. Вчера, повеќе од 900.000 луѓе се пријавија на вакцинација, што е двојно повеќе од последниот рекорден број забележан на 11 мај – рече Ниокс-Шато.

Макрон вчера рече дека здравствениот пасош, потребен за широк спектар на настани, сега ќе биде потребен многу почесто, вклучително и за влез во ресторани, кина и театри.

Од почетокот на август, тоа ќе биде потребно при влегување во возови и авиони, што ќе биде дополнителен поттик за луѓето да се вакцинираат за време на летните одмори.

Забавената стапка на вакцинација и наглиот пораст на заразените од коронавирус поради многу заразниот делта-сој на вирусот, кој сега е доминантен, ја принудија владата да ја смени стратегијата.