Францускиот премиер, Едуард Филип, потврди дека рестриктивните мерки се олеснуваат во целата земја од понеделник, со строги правила во најризичните области, особено во Париз.

Франција е пресечена на два дела според здравствената ситуација, истакна Филип на прес-конференција, прецизирајќи начини за олеснување на рестриктивните мерки во земјата, во која од ковид-19 починаа повеќе од 25.000 луѓе.

Тој појасни дека во црвените зони, вклучително и Париз, мерките ќе бидат построги. Средните училишта остануваат затворени во мај и треба да се следат строгите правила во јавниот превоз.

Четири зони – парискиот регион, северот, истокот и центарот – остануваат црвени зони поради активниот пренос на вирусот и поголем притисок врз болничкиот систем, прецизира министерот за здравство, Оливер Веран.

Тој додаде дека Франција е подготвена масовно да ги тестира лицата со симптоми на новиот коронавирус и оние што биле во контакт со позитивните случаи.

Владата првпат објави мапа на Франција со капацитети за тестирање. Цела Франција е зелена, што значи дека има способности за тестирање на проценетата потреба од 700.000 теста неделно, рече министерот.