Франција стана уште една европска земја која ги отстрани Соединетите Американски Држави од листата на земји во кои можат да патуваат американските граѓани, пренесуваат агенциите.

Декретот на француската влада денеска ги отстрани САД и Израел од зелената листа. Со ова, Франција им забранува на невакцинираните патници да патуваат во таа земја.

Сепак, на невакцинираните патници од која било земја се уште ќе им биде дозволено да влезат под услов да имаат валидна причина за патување, но им треба негативен тест за ковид-19 пред да патуваат и мора да одат во карантин седум дена по пристигнувањето.

Овој потег на Франција следи по ограничувањата воведени за американски патници од неколку други европски дестинации. Претходно оваа недела, Шпанија ја промени политиката за влез за пристигнувања од САД, барајќи од нив да имаат сертификат со кој се докажува двојна вакцинација.

Данска и Холандија, исто така, неодамна ги ажурираа своите ограничувања, барајќи доказ за вакцинација за патниците од САД. Во меѓувреме, Шведска ги забрани сите пристигнувања од САД, без оглед на статусот на вакцинација.

Италија минатата недела започна да бара од сите посетители, вклучително и оние од Соединетите Американски Држави, да покажат докази за ПЦР или тест за антиген-ковид, направен во рок од 72 часа од патувањето, без оглед дали биле вакцинирани.

Многу европски туристички дестинации ги отворија своите граници за Американците во почетокот на летото со надеж дека ќе привлечат многу долари за зајакнување на економиите погодени од ковид-19.

Но поради делта-сојот кој се прошири низ САД, некои земји, вклучително и Германија, веќе почнаа да го ограничуваат пристапот на Американците пред препораката на Европската Унија.