Европејците ќе пронајдат паметни решенија што ќе им овозможат да одат на одмор и покрај пандемијата на вирусот, вели претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Според бриселскиот портал „Политико“, нејзиниот тон во интервјуто за весникот „Експресо“ бил пооптимистички од минатата недела кога ги советуваше луѓето и натаму да не планираат летни одмори.

– Мислам дека ќе најдеме паметни решенија за летните одмори. Можеби малку поинаку, со други хигиенски мерки и со малку повеќе социјална дистанца, но ќе биде импресивно да се види дека ќе најдеме решенија – рече фон дер Лејен.

Таа додаде дека е добро што земјите од ЕУ почнуваат да ги укинуваат рестриктивните мерки, но предупреди дека владите мора да се движат внимателно, чекор по чекор и секогаш со претпазливост.

– Тешко е да се предвиди како ќе биде следниот месец, но можам да видам дека почнуваме да учиме како да живееме со вирусот – рече претседателката на ЕК, додавајќи дека е импресионирана од решенијата изнајдени за продолжување со работа во неколку економски сектори.

Говорејќи за пристапот на ЕУ кон пандемијата, таа призна дека на почетокот имало критични моменти, но додаде дека по неколку дена земјите сфатиле дека не можат сами да управуваат со кризата, по што координацијата се подобрила.

Фон дер Лејен ги отфрли тврдењата дека кризата се заканува да предизвика колапс на ЕУ, откако некои лидери, вклучувајќи го и португалскиот премиер Антонио Коста, го доведоа во прашање опстанокот на европскиот проект од 27 држави, доколку не се гарантира поддршка за најранливите економии.