Финска го повлекува законот за вонредни овластувања, кој парламентот го усвои во март поради коронавирусот, со оглед на тоа дека стапката на заразени забавила и дека посебните мерки веќе не се потребни, рекла премиерката Сана Марин.

Таа додала дека веќе не постојат законски причини владата да ги задржи вонредните овластувања и дека вонредната состојба ќе заврши денеска на полноќ.

– Тоа не значи дека заканата од ширење на вирусот е завршена – предупредила Марин.

26 пациенти заразени со ковид-19 се хоспитализирани, а само едно лице е на интензивна нега, соопшти Владата.

Марин изјавила дека 15 до 25 нови случаи имало дневно во текот на неколку недели, поради што вкупниот број на заразени пациенти достигнал 7.104.

– Законот за вонредни овластувања, кој им ги ограничува основните права на граѓаните, апсолутно не може да остане на сила подолго од што е потребно – рекла министерката за правда на Финска, Ана-Маја Хенриксон.

Премиерката Марин рекла дека одредени ограничувања, како тоа дека на рестораните им се наложува да го скратат работното време за време на вечерните часови и тоа за бројот на гости внатре во ресторанот, ќе останат на сила, но дека ќе се спроведува со редовните закони.