Финската влада денеска прогласи вонредна состојба поради зголемувањето на бројот на новозаболени, а овој потег ќе им овозможи на властите да затворат ресторани и да преземат други мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Одлуката е донесена поради новите видови коронавирус, кои го забрзаа ширењето на инфекции во нордиската земја, која веќе ги затвори своите граници, пишува „Ројтерс“.

Вонредната состојба исто така ќе ѝ овозможи на владата да ги затвори училиштата и да го ограничи движењето меѓу регионите.

– Владата смета дека е потребно сите да имаме помалку контакти – рече премиерката Сана Марин.

– Сега секој има шанса да влијае на тоа како ќе изгледаат пролетта и летото – додаде таа.

Неколку фински региони забележаа брз раст на нови инфекции во последните две недели. Жешки жаришта беа создадени меѓу скијачите во Лапонија, работниците во бродоградилиштата и градежништвото.

Финска досега беше меѓу најмалку погодените европски земји од пандемијата.