Светската здравствена организација (СЗО) стои на ставот дека производителите на вакцини не треба да гледаат само на профитот, додека пак, тие се обидуваат да најдат решение и да ја зачуваат тајната на рецелтот на нивниот успех

Помина речиси една година откако беше дадена првата вакцина против ковид-19, но производителите на вакцините и претставниците на јавното здравство сè уште се обидуваат да најдат заеднички јазик за да го затворат јазот меѓу богатите и сиромашните земји кога станува збор за пристапот и цената на вакцините, пренесува „Блумберг“.

Компанијата „Модерна“ одвај ја прошири доставата на вакцини за сиромашните земји, најмногу поради извозните ограничувања и договореното снабдување на САД и Европа. Вакцината со единечна доза на „Џонсон и Џонсон“, се покажа како релативно „мал играч“ во трката. А „Астра зенека“ брзо го зголеми снабдувањето до посиромашните земји, главно поради лиценцирање на својата формула на производител во Индија.

Вакцината на „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бионтек“, се очекува годинава да генерира приход од 36 милијарди долари. Покрај успешната вакцина и дистрибуција, „Фајзер“ дополнително го зацврсти својот статус во пандемијата откако месецов објави дека развила експериментален лек што ги намалува хоспитализациите и смртните случаи од ковид-19 за дури 89 отсто. „Фајзер“, заклучно со 7 ноември, испорачала над 658 милиони дози вакцини во земјите со низок и среден приход.

Во октомври минатата година, Индија и Јужна Африка се залагаа за предлогот до Светската трговска организација за привремено откажување од правата на интелектуална сопственост за вакцината на „Фајзер“. Додека извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, го предводеше јавниот отпор, неговите ривали беа помалку конфронтирачки кон предлогот. „Модерна“ вети дека нема да инсистира на спроведувањето на своите патенти поврзани со ковид-19 за време на пандемијата. „Астра зенека“ го поддржа моделот заснован на непрофитни цени и лиценциран трансфер на технологија до производителите ширум светот. „Џонсон и Џонсон“ продолжи со сличен пристап, преговарајќи за производствени договори за својата вакцина во Јужна Африка и Индија, иако нивното производство беше далеку помало.

– Предлогот за откажување од правата се заснова на неточната идеја дека пристапот до вакцини е ограничен поради сегашното ниво на производство. На добар пат сме да произведеме доволно вакцини за целиот свет до средината на следната година – се наведува во соопштението на „Фајзер“.

Светската здравствена организација (СЗО) останува на ставот дека производителите на вакцини не треба да гледаат само на профитот, додека пак, тие, се обидуваат да најдат решение и да ја зачуваат тајната на рецелтот на нивниот успех.

Покрај големиот успех и повиците да ја споделат нивната формула за составот на вакцините, дури и под изговор дека другите компании ќе помогнат во производството и борбата против пандемијата, извршниот директор на „Фајзер“ не попушта на барањата кои одредени земји ги предложија до Светската трговска организација, за откажување од правата на интелектуална сопственост за вакцините и третманите за ковид-19.

Фармацевтските компании тврдат дека укинувањето на ограничувањата нема да помогне побрзо да се вакцинираат луѓето. На брифингот организиран од Меѓународната федерација на фармацевтски производители со седиште во Женева, на 7 септември, Бурла и неговите колеги рекоа дека нема потреба да се откажуваат од правата на интелектуална сопственост бидејќи индустријата произведува доволно вакцини за секого, повикувајќи државите едноставно да ја направат набавката.

Уште од првиот ден од пандемијата, „Фајзер“ сериозно се зафати со работа. Компанијата стори сè што може за да дојде до успешна вакцина, и тоа во рекордно време, во едно од најбрзите научни откритија во историјата. На чело со главниот извршен директор, Алберт Бурла, компанијата се здружи со германската „Бионтек“ за да развие вакцина, користејќи ја новата мРНА технологија.

Ризикот на крајот се исплатеше, бидејќи „Фајзер“ не ги штедеше средствата во трката за успех. Нивната вакцина беше првата одобрена од американската агенција за лекови, првата одобрена за бустер доза, како и првата одобрена за деца под 12 години.

Иако „Фајзер“ упорно не попушта во врска со тајната на нејзините вакцини, компанијата влезе во разговори за проширување на пристапот до нејзината таблета во соработка со „Медисинс Патент Пул“, непрофитна организација која има за цел да ги направи лековите и технологиите пошироко достапни.