„Фајзер“ побара од американската влада дозвола за имунизација со вакцината против коронавирус за деца на возраст од 5 до 11 години, што ќе биде голем чекор во борбата против големиот пораст на инфекции кај младите луѓе и ќе помогне училиштата да останат отворени.

Многу родители и педијатри бараат заштита за децата под 12-годишна возраст, што е сегашната граница за вакцинација против Ковид-19 во САД.

Агенцијата за храна и лекови ќе треба да одлучи дали има доволно докази дека вакцината е безбедна и ефикасна кај помалите деца, како кај тинејџерите и возрасните. Независен експертски совет ќе расправа за одобрување на вакцината за деца под 12 години на 26 октомври.

„Фајзер“ и неговиот германски партнер „Бионтек“ соопштија дека нивното истражување покажува дека помалите деца треба да добијат третина од дозата што сега им се дава на сите други.