Адар Пунавала активно се вклучува во борбата против ковид-19 за да ги сруши политиките кои ги штитат големите фармацевтски компании

Авторка: Сара Витон

Политико

Адар Пунавала можеби е најважната фигура во светската трка за вакцини, која не работи во лабораторија. Индискиот претприемач за вакцини планира да го спаси светот од коронавирусот и потоа радикално да ја промени меѓународната фармацевтска индустрија. Фармацевтските компании веќе го активираа алармот.

Откако го пропатувал целиот свет и станал експерт за склучување договори, синот на индискиот милијардер д-р Сајрус Пунавала, кој го основал индискиот Институт за серуми на својата фарма за коњи пред 54 години, е еден од ликовите кои станаа познати во борбата против коронавирусот, стратегиски се позиционираше во индискиот град Пуна за да ги искористи ниските трошоци за производство на 1,5 милијарди дози годишно на вакцини за земјите во развој и да почне со масовно производство на вакцина против коронавирусот за целиот свет.

Малку позната за Западот до годинава, компанијата на Пунавала според продажбата на дозите е најголемиот светски производител на вакцини кои нудат заштита од болести како менингитис, мали сипаници и тетанус. Сега кога богатите и сиромашните земји подеднакво сакаат огромни количества на вакцини против новиот коронавирус, тој е на пат да склучи едно чудо договори со најнадежните развивачи на вакцини за да произведе имунизации доволни за светски рамки.

Тој гледа шанса ова да го претвори во нешто поголемо, но тоа исто така значи постигнување на долго посакуваната цел за заобиколување на заштитите на патенти и монополските права кои долги години ги блокираат евтините варијанти на вакцини да се најдат на американските и на европските пазари поради љубоморното чување од страна на големите фармацевтски компании.

Пунавала смета дека поради итната состојба поради вирусот и фактот што неговата широка распространетост е закана за сите луѓе, треба да се преиспитаат заштитите на патенти и законите за интелектуална сопственост кои го ограничуваат пристапот до имунизација во земјите во развој додека истовремено се зголемуваат нивните цени во побогатите земји.

Во моментов Пунавала исто така ја зајакнува својата соработка со големи брендови на фармацевтски компании со обидот да склучи договор со компанијата „Астра зенека“ за производство на милијарди дози од нејзината експериментална вакцина против коронавирусот наменета за земјите во развој. Ова е една од петте имунизации против коронавирусот на кои работи индиската компанија за да обезбеди заштита од ковид-19 на светско ниво, а други три се партнерства за производство на вакцини изготвени од други компании додека две се домашни формули.

Адар Пунавала

Специјалноста на Институтот за серуми е масовно производство на милиони дози на вакцини притоа често пати наметнувајќи се како значително поевтина варијанта на истите производи од големите имиња само наменети за продажба во најсиромашните држави. Во случајот на „Астра зенека“, договорот е да се користат производствените капацитети на Пунавала за производство на вакцина против коронавирусот, доколку биде одобрена да се користи во Индија и во посиромашните земји. Во меѓувреме, „Астра зенека“ потпиша договори со САД, Велика Британија и државите од ЕУ за испорача стотици милиони дози за нивните граѓани. Засега компанијата вети дека вакцината ќе ја продава по два долари за парче, но откако ќе заврши пандемијата, сè може да се промени.

Но Пунавала исто така сака да изврши притисок врз компаниите и врз владите да почнат да ја менуваат климата, користејќи го моралниот пример на ковид-19 и светската потреба за евтини вакцини на масовна ниво за да ги покаже пропустите во сегашниот систем за кој верува дека ја спречува достапноста на заштитите кои спасуваат животи во земјите во развој и пристапот до лекови по ниски цени во богатите држави.

Пунавала порача дека е во преговори со Вашингтон за отворање на патот за продажба на некои од раните вакцини на американскиот пазар, по пониски цени за генерички производи. Во претседателот Доналд Трамп тој гледа сојузник во укинувањето на регулаторните блокади. Но во тој обид Пунавала ќе наиде на голема пречка која ја претставуваат американските фармацевтски компании, кои имаат силни сојузници од двете страни во Конгресот и притоа успешно се спротивставија на многу напори да се олеснат законите за патенти и увоз, а досега не се остварија ветувањата на администрацијата на Трамп за овозможување на поевтини лекови увезени преку Канада.

Пунавала го нарекува Бил Гејтс свој ментор поради неговата работа за обезбедување на  достапни лекови за сиромашните земји. Добротворната организација на магнатот од „Мајкрософт“ инвестираше многу пари во Институтот за серуми поради што компанијата стана заслужна за елиминирањето на менингитисот во најтешко погодените делови од Африка. Но Гејтс, преку неговата добротворна работа и „Мајкрософт“, цврсто ги брани правата за интелектуална сопственост, сметајќи дека повисоките цени за Западот се клучни во обезбедувањето на евтина заштита во светот во развој. (Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс не сакаше да дискутира за Институтот за серуми надвор од понудената листа на нивни соработки).

Нееднаквоста во здравствената заштита беше моралната причина која стои зад Институтот за серуми. Таа потекна од верувањата на таткото на Пунавала дека сиромашните деца од Индија и од Африка умираат од болести кои можат да се спречат, генерално поради тоа што западниот напредок во истражувањето не допрел до нив.

Денес, Институтот за серуми годишно продава околу 1,5 милијарди дози на широк спектар на вакцини во 170 држави. Добар дел од ова производство се должи на Алијансата за вакцини „Гави“, јавното приватно партнерство кое Гејтс го основаше пред 20 години. Во него се користат донирани пари за набавка на вакцини на големо за сиромашните земји кои, не можат да си ги дозволат дури ни по најниска понудена цена. Партнерството со Гејтс ја зајакна позицијата на компанијата во здравствената индустрија и помогна да оствари висока заработка, дури и ако луѓето понекогаш се збунуваат кога ќе го слушнат името на Институтот за серуми во Индија.

Превод: Билјана Здравковска