Седум училишта во Рубе, град во североисточна Франција, се затворени од претпазливост бидејќи едно дете беше позитивно на тестот на коронавирусот.

Затворените училишта ќе држат настава од далечина, а официјалните лица изјавија дека ќе бидат информирани семејствата на оние што биле во контакт со заразеното дете, пренесе Би-би-си.

Училиштата во Франција почнаа со отворање минатата недела како резултат на олеснување на мерките воведени за борба против коронавирусот.
Сепак, многумина се загрижени за овој потег, а едно истражување покажа дека 69 проценти од испитаниците сметаат дека надлежните органи нема да може да ја гарантираат безбедноста на учениците и наставниците.

Некои училишта беа затворени затоа што потоа во нив се појавиле случаи на зараза.

Францускиот министер за образование, Жан-Мишел Бланкер, изјави за РТЛ дека се регистрирани 70 случаи на инфекција со коронавирусот во речиси 40.000 училишта кои се отворени од минатата недела.

Сите училишта во кои е потврден коронавирусот се затворени, рече министерот, со цел да ја потенцира намерата на властите да не прават компромис кога станува збор за здравјето и безбедноста на граѓаните.

Сепак, Бланкер исто така истакна дека прекинувањето на наставата во училиштата има сериозни последици.

– Нашите деца не смеат да бидат колатерални жртви на здравствените мерки – предупреди тој.