Израел и Чиле се  меѓу државите кои држеа водство во спроведувањето на вакцинацијата против ковид-19. Но, во меѓувреме се случи пресврт. Израел полека се враќа кон „старата нормала“, додека Чиле повторно воведува карантин и рестриктивни мерки, пренесува „Гардијан“.

Израел забележа значителен пад на бројот на инфекции, како и бројот на хоспитализирани и смртни случаи откако ја спроведе најбрзата кампања за вакцинација во светот со вакцината на „Фајзер“/„Бионтек“, во која имунизираше повеќе од половина од нејзината деветмилионска популација. Според објавените анализи, од пикот во јануари, Израел бележи пад на бројот на новозаразените до 96 отсто, како и 85 отсто помалку смртни случаи.

Чиле, пак, вакцинираше повеќе од една третина од 18-милионското население, со што претставуваше лидер во вакцинацијата во Северна и во Јужна Америка. Населението беше вакцинирано со „Фајзер“/„Биоентек“, како и со кинеската „Синовак“. Сепак, бројот на заразени се искачи до степен што го оптовари здравствениот систем, а строгите рестриктивни мерки повторно стапија на сила.

Се смета дека брзата вакцинација внела лажно чувство на сигурност, како и дека Чиле прерано ги ублажил превентивните мерки. Земјата повторно ги отвори своите граници во ноември и во јануари, а воведе и дозволи за одење на одмор. Отсуството на строги контроли врз оние што влегуваат во земјата, како и недостатокот на ефикасен систем за следење на контакти, се претпоставува дека се причините за повторното ширење на вирусот во јужноамериканската држава.

Се претпоставува дека различните ефекти се должат на повеќе фактори – ефикасноста на употребените вакцини, различните варијанти на ковид-19 и разликите во демографијата во двете држави, а можеби се и прашање на времето, бидејќи Израел исто така се соочил со период на зголемување на бројот на случаи во текот на вакцинацијата, со што се смета дека било потребно подолго од очекуваното за кампањата да покаже резултати.