Унгарија ќе протера 14 ирански државјани обвинети дека ги прекршиле правилата на однесување кои се донесени со цел спречување на ширењето на коронавирусот. Оваа одлука остро ја критикуваа властите во Техеран како и унгарскиот Хелсиншки комитет кој го обвини премиерот Виктор Орбан дека ја затворил правната држава во карантин.

Сите Иранци кои ќе бидат протерани се на студии во Унгарија, а некои имат и стипендии од унгарската влада. Според зборовите на потполковникот Роберт Киш тие се однесувале асоцијално и насилнички.

Во последните неколку недели провладините медиуми воделе кампања против нив, а Орбан ја поврза појавата на ковид-19 во земјата со странци меѓу кои се шири заразата како и со мигрантите.

Иран ја оцени одлуката на унгарските власти како длабоко разочарувачка, а унгарскиот Хелсиншки комитет смета дека протерувањата се политички мотивирани.

Унгарија, по 2015 година и иранскиот нуклеарен договор со големите сили, се приближи до Техеран и го удвои бројот на стипендии за ирански студенти за тој период.

Во исто време, со Иран беше потпишан договор за нуклеарна соработка, потсетува „Франс прес“.

Агенцијата известува и за изјавата на неименуван западен дипломат кој тврди дека Орбан почнал да ги заладува односите со Техеран откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од нуклеарниот договор.

Орбан, исто така, беше единствениот државник на ЕУ кој јавно ја изрази својата желба Трамп да победи во трката за американски претседател, потсетува агенцијата.

Досега во Унгарија се регистрирани до 1.600 случаи на заразени и 134 смртни случаи од ковид-19.