Унгарската влада воведува поригорозни правила за патување во странство веќе од следниот месец, беше објавено од канцеларијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесува „Танјуг“.

Извршниот одбор што го координира одговорот на Унгарија на новиот коронавирус ќе го претстави својот предлог на состанокот на Владата следната недела, рече Гергељ Гуљаш, пренесува порталот „Хангари тудеј“.

Тој ги советуваше Унгарците да не закажуваат патувања во странство во септември, особено во потоплите земји.

– Пандемијата се влошува во повеќето европски земји и стагнира во само неколку од нив. Унгарија е само неколку недели зад трендовите што се гледаат во другите делови на континентот – рече Гуљаш и додаде дека Унгарија има најмал број на заболени од коронавирус во Европа.

Тој додаде дека владата разбира дека е тешко да се откажат аранжманите што биле претходно закажани, но дека кабинетот мора да ја разгледа состојбата со јавното здравство и условите за борба против пандемијата.