Турција ја отфрли можноста за купување на руска вакцина против коронавирусот, повикувајќи се на тоа дека во текот на нејзиното создавање изостанал принципот на „добра практика“, соопшти денеска министерот за здравство на земјата, Фахретин Коча, во момент кога Анкара се подготвува да вакцинира 50 милиони граѓани до пролет.

Весникот „Хабертурк“ пренесува дека министерот за здравство изјавил оти руската вакцина не ги исполнува условите за „добра лабораториска пракса“.

– Русија не е во можност да ги исполни овие услови, поради што не е можно СЗО и светот да ја купат оваа вакцина, ниту пак да добијат лиценца од нас – рече Коча, а пренесува „Ројтерс“.

Турскиот министер не прецизираше за која руска вакцина станува збор, но Анкара претходно спомена тестирање на вакцината „Спутник V“.

Турција потпиша договор за набавка на 50 милиони дози од вакцината на кинеската компанија „Синовак Бајотек“ и очекува дека вакцинацијата ќе започне месецов, а приоритет ќе имаат здравствените работници.

Турскиот министер за здравство рече дека земјата не е обврзана да плаќа за оваа вакцина доколку се покаже дека истата не е доволно ефикасна.

Коча рече дека Турција, каде живеат 83 милиони луѓе, мора да набави повеќе вакцини за да имунизира 50 милиони луѓе до крајот на април, додавајќи дека работи на обезбедување на испорака од 25 милиони дози вакцини произведени од „Фајзер“ и „БиоНТек“.

Министерот вели дека двете компании ќе можат да доставуваат 25 милиони дози до крајот на следната година, но дека Турција сака да го забрза процесот и да ги направи вакцините достапни пред летото.

„Ројтерс“ наведува дека рускиот Фонд за директни инвестиции, кој го поддржа развојот на „Спутник V“ не одговорил веднаш на барањето да ги коментира овие тврдења.