Канадскиот премиер Џастин Трудо објави дека Канада и САД се согласиле да ги продолжат рестриктивните мерки за границата за уште 30 дена, до 21 јули.

– Тоа е одлука што ќе ги штити луѓето од обете страни на границата бидејќи продолжуваме да се бориме против ковид-19 – рече Трудо.

Границата првично требаше да биде отворена во април, но затворањето е продолжено двапати досега, а пред последната одлука, важеше до 21 јуни.

Трудо во понеделникот рече дека се водат преговори со САД за продолжување на затворањето на канадско-американската граница, затоа што сè уште има загриженост за ширењето на новиот коронавирус.

– Јасно е дека постои широк консензус меѓу покраините дека ние мора да продолжиме да ги одржуваме сегашните мерки на границата. Нашиот приоритет во таа смисла е да обезбедиме безбедност на Канаѓаните, а во исто време да обезбедиме проток на основни добра и услуги – рече Трудо по консултациите со водачите на канадските покраини.

Најдолгата меѓународна граница во светот – долга 8.900 километри – беше затворена од обете страни на 21 март како одговор на кризата со коронавирус. Затворањето доведе до голем пад на прекуграничниот сообраќај – до 95%, според канадската статистика, но трговијата продолжи непречено.

Пред пандемијата, стока во вредност од 1,7 милијарди американски долари и повеќе од 400.000 луѓе ја минуваа границата секој ден. Отава најави дека ќе биде направен исклучок за да им се дозволи на илјадници странски државјани да бидат со своите семејства во Канада, со обврска да се изолираат 14 дена.