Сет Беркли/Фото: Светски економски форум - Фликр

Творецот на „Ковакс“ се прашува

Повеќето сиромашни држави не треба да се надеваат дека наскоро ќе добијат дополнителни дози вакцини додека имаат потешкотии во давањето на иницијалните дози, наспроти напредокот кога станува збор за кампањата за трета доза во дел од богатите држави, според еден од творците на иницијативата „Ковакс“ за правична глобална дистрибуција на вакцини, објавува „Вашингтон пост“.

Американскиот епидемиолог Сет Беркли, кој е еден од водечките луѓе во алијансата за вакцини „Гави“ и кој помогна во формирањето на меѓународната иницијатива „Ковакс“ поддржана од Светската здравствена организација (СЗО), во разговор за американскиот весник истакна дека очекува оти ќе има дистрибуција на дополнителни дози вакцини преку „Ковакс“, но и дека проблемите со снабдувањето ги ограничуваат краткорочните можности.

– Се наоѓаме во ситуација на мал недостиг на снабдувањето во првиот квартал, со што можеби во вториот квартал од наредната година ќе сакаме да се осигуриме дека вакцините одат таму каде што се потребни, со оглед на околностите – одговори Беркли на прашањето дали преку „Ковакс“ може да се дистрибуираат бустери или дополнителни дози на вакцини в година.

Повеќе сиромашни држави се потпираат на „Ковакс“ за снабдувањето со вакцини против ковид-19. А СЗО предупреди за нееднаквоста во вакцинацијата повикувајќи на воведување мораториум на бустерите во богатите држави, додека сиромашните имаат потешкотии да ги имунизираат и најзагрозените категории граѓани.

Се даваат шест пати помалку дози вакцини во сиромашните држави, во однос на дадените бустери на глобално ниво, според извршниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

– Не е прашање дали бустерите помагаат, туку дали во ситуација кога критичните групи сѐ уште не примиле првични дози, треба да им давате бустери на оние кои се во помал ризик – посочи Беркли.

Тој истакна дека се надева дека снабдувањето ќе стане рутинизирано в година, што ќе му овозможи на „Ковакс“ да се осигури дека вакцините одат во државите кои имаат најголема потреба.

– Се надеваме дека до крајот на годината ќе го покриеме со снабдување најголемиот дел од ризичните категории ширум светот – заклучи Беркли.