Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека трајно ќе престане со финансирањето на Светската здравствена организација (СЗО) доколку не направи одредени подобрувања во наредните 30 дена и дека ќе размисли за натамошно членство на САД во тоа тело.

Трамп во април привремено го прекина американското финасирање на СЗО, обвинувајќи ја организацијата за промовирање на кинески „дезинформации“ за појавата на коронавирусот, иако официјалните претставници на СЗО ги негираа обвинувањата, а Кина објави дека е отворена и транспарентна.

– Ако СЗО не направи значителни фундаментални подобрувања во наредните 30 дена, ќе ја направам мојата привремена суспензија на американското финансирање да биде трајна и ќе го разгледам нашето членство – порача Трамп во писмото до лидерот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесу коешто е објавено на Твитер.

Претходно Трамп изјави дека СЗО „направила многу тажна работа“ во управувањето со корона-кризата и дека многу скоро ќе донесе одлука за понатамошното американско однесување.

Во писмото, американскиот претседател вели дека единствениот пат напред што може да го преземе ова тело е да покаже целосна независност од Кина, истакнувајќи дека неговата администрација веќе започнала да разговара за реформите со лидерот на СЗО.

Светската здравствена организација соопшти дека независното рагледување на глобалниот одговор на коронавирусот ќе започне што е можно поскоро и дека добила поддршка и голема финансиска уплата од Кина, која е под посебна контрола како извор на пандемијата.