Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја предупреди Кина дека може да ги сноси последиците бидејќи е можеби „свесно одговорна“ за ширење на пандемијата на коронавирус.

– Пандемијата можеше да се запре во Кина пред да почне, но тоа не се случи, и сега целиот свет страда поради тоа – изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.

– Ако тоа беше грешка, во ред. Но, ако тие се свесно одговорни, мислам дека тогаш дефинитивно треба да има последици – додаде Трамп.

Американскиот претседател не појасни какви чекори ќе преземе САД.

Трамп рече дека Кинезите се „збунети“ и дека прашањето е дали коронавирусот е „грешка која што излегла од контрола или е направена намерно“.

– Постои значителна разлика помеѓу двете сценарија – рече тој.

За бројот на заразени и мртви во Кина, Трамп смета дека е „нереален“.

– Тие велат дека ние сме број еден по стапката на смртност, но тоа не е точно. Кина е број еден, а не ние. Разликата не е мала, ние не сме ни блиску до нив. Само така знаете. Јас знам, а и тие знаат, но не сакаат да кажат. Зошто? Ќе морате да му објасните на светот. Еден ден ќе објаснам објаснам и јас – рече тој.

Трамп и други високи официјални претставници на САД ја обвинија Кина за нетранспарентност околу појавата на епидемијата кон крајот на минатата година во Вухан, а оваа недела Трамп ги суспендираше исплатите на САД кон Светската здравствена организација (СЗО), обвинувајќи ја дека не успеала добро да се справи со кризата.