Со недели, американскиот претседател Доналд Трамп ја минимизираше опасноста од коронавирусот и се исмеваше со сите кои беа загрижени. Сега, тој излезе пред јавноста со ново тврдење. Наводно, Трамп цело време знаел дека станува збор за пандемија, дури и пред тоа јавно да биде потврдено, пренесува „Њујорк тајмс“. 

– Се справуваме со ситуација на пандемија. Знаев дека ќе биде пандемија сето ова време, уште пред да биде официјално потврдено – изјави Трамп пред новинарите пред Белата куќа. 

На 22 јануари, Трамп пред новинарите изјави дека ситуацијата со коронавирусот во САД е под контрола. 

На 22 февруари, на прес-конференција во Белата куќа, за првите пријавени заболени случаи, тој изјави дека се работи за само неколку случаи, и дека САД имаат среќа да не бидат толку силно погодени како другите земји. 

Подоцна, на 27 февруари, на прашањето дали тој е загрижен што вирусот се приближува до Вашингтон, тој изјави дека воопшто не е загрижен, и дека одлично се справуваат со вирусот. Барем тројца од делегацијата на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој го придружуваше Трамп, беа позитивни на коронавирусот. 

Но, неговата изјава во понеделникот како да имаше позагрижувачки тон во врска со вирусот, и покрај тврдењата дека вирусот и неговото ширење ќе стивнат налето. Изјавата, исто така, е далеку поразлична и необична од претходните, во кои тој не покажуваше никаква загриженост за вирусот и се исмејуваше со оние кои беа загрижени. 

Тој помина голем дел од времето на прес-конференцијата фалејќи ја работата и справувањето на неговата администрација, а нагласувајќи дека единствената грешка што тие ја направиле е во односот со медиумите. 

На прашањето зошто наеднаш тој го менува ставот за ситуацијата со вирусот, Трамп негираше дека постои било каква разлика од порано до сега. 

– Секогаш гледав на ситуацијата сериозно. Нема никаква разлика во мојот тон од сега и претходните денови – изјави Трамп пред новинарите. 

Покрај неговото негирање, тој претходните два месеца постојано се исмеваше со оние кои сериозно ја сфаќаа ситуацијата. На 28 февруари Трамп ги обвини демократите и медиумите за масовна хистерија и за нефер критикување на работата и на начинот на справување со ситуацијата на неговата администрација.

Друг случај беа нивните обвинувања за ширењето неточни информации. На митинг, тој изјави дека ширењето на вирусот ќе стивне, и покрај спротиставувањето на неговите советници дека засега немаат доволно податоци за вирусот. 

Откако неговата администрација се соочи со сериозни критики за недоволно  информирање на граѓаните, како и за мерките за справување, кои секако, не беа сериозно и брзо сфатени, Трамп продолжи да дава погрешни информации пред јавноста.

Тој изјави дека наскоро ќе има и вакцина, по што беше поправен јавно пред новинарите на 29 февруари, од страна на д-р Антони Фаучи, член на работната група за борба против коронавирусот.