Постоеше мала надеж дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе се вразуми откако се зарази од коронавирусот, а сите веруваа дека болеста ќе го натера Трамп да ги поттикне Американците да го чуваат своето здравје. Наместо тоа, Трамп сега покажува имиџ на „мачо маж“, откако се врати со хеликоптер во Белата куќа и беше забележан како на балконот ја симнува маската од лицето, иако сѐ уште не е излечен од коронавирусот, пишува „Гардијан“. 

Трамп на американскиот народ му порача да не се плаши од вирусот и да не дозволи тој да им го контролира животот. По враќањето во Белата куќа, неговата кампања испрати мејлови според кои „доколку тој може да го победи вирусот, секој може“, со надеж дека ќе ја претворат личната и политичката катастрофа во предност за претседателските избори. Карактеристично за Трамп е да ја смета болеста за слабост и да бара начин секој ден да биде херој на сопственото реално ТВ-шоу.

– Целиот негов живот, Трамп се однесува како лик од цртаните филмови кој користи моќни симболи. Тој е магнат, поседува авиокомпанија, казина… Сите овие симболи на неверојатно богатство беа навистина моќни, а тоа беше успешен маневар и тој  продолжува да го користи. Сега тој ќе биде „експертот“, бидејќи се зарази со вирусот, така што никој не може да му каже ништо и да го разубеди. Ако тој некогаш воопшто слушаше медицински совети, тоа сега е завршено. Трамп знае повеќе за војните отколку генералите, тој сега ќе знае повеќе за коронавирусот од сите лекари – вели Гвенда Блер, биографка на Трамп. 

Таа вели дека е загрижувачко тоа што Трамп ги изложува на опасност сите во Белата куќа, од тајната служба, медицинскиот персонал, пилотите на хеликоптерот, сѐ до целиот нејзин персонал. 

Откако тој беше отпуштен од воената болница „Волтер Рид“, неговата кампања испрати мејлови за собирање донации со пораките „Се вратив!“, „Дали ви недостасував?“ и „Се чувствувам најдобро во изминатите 20 години!“. Ваквите мејлови праќаат само една порака до гласачите на Трамп, да не се плашат од ковид-19 и да не дозволуваат вирусот да им го контролира животот. Пораките, како и секогаш, беа засилени од хумористичните објави на социјалните медиуми.

„Претседателот Трамп не треба да се опорави од коронавирусот. Коронавирусот ќе треба да се опорави од Трамп!“ напиша на Твитер конгресменот Мет Гец од Флорида. 

„Трамп покажа дека е борец и победник! Тој се бореше со гласините за руската вмешаност во минатите избори и победи. Тој се бореше со лажниот импичмент и победи. Сега тој се бори против вирусот и сè уште победува!“ објави Лофлер на Твитер.

Шон Ханити, водител на „Фокс њуз“, го спореди Трамп со Винстон Черчил и со Френклин Рузвелт, сугерирајќи дека претседателот нуди нова верзија на изреката „единственото нешто од што треба да се плашиме – е самиот страв“.

–  Пораките кои Трамп ги испраќа со вадењето на маската и неодржувањето на социјално дистанцирање, прво се лоши за јавното здравје, а второ, даваат ужасен пример и му нанесуваат штета во кампањата – вели Зак Петканас, директор на здравствената група „За наша заштита“.

Тој објаснува дека мнозинството од американскиот народ застанува на страната на експертите и науката. Тие сакаат нивните лидери да ги охрабрат да носат разумни одлуки за да се чуваат себеси и своите семејства безбедни. Со ваквите постапки, Трамп не само што ја продолжува пандемијата велејќи им на своите приврзаници дека носењето маска е вид на политичка изјава, наместо неопходност, туку тој всушност си нанесува штета самиот на себе и не ги привлекува гласачите, кои треба да се обиде да ги присвои доколку сака да остане на претседателската позиција. 

Трамп помина голем дел од годината минимизирајќи ја опасноста од вирусот, одржуваше митинзи со мало физичко дистанцирање и го исмејуваше честопати неговиот противник Џо Бајден за носење маска. Но, сега поранешниот потпретседател има 16 поени предност пред Трамп, според анкетата на Си-Ен-Ен објавена во вторникот.

– Трамп беше неодговорен во врска со вирусот и сите го забележаа тоа. Мислам дека тој е лут на вирусот што му ги уништи шансите за повторен избор – вели Лери Сабато, директор на Центарот за политика на Универзитетот во Вирџинија.