Доколку се заразите од коронавирус, не очекувајте ист третман како и претседателот Доналд Трамп, бидејќи, тој можеби е единствената личност во светот што примил коктел од три лекови, им порачуваат американските медиуми на граѓаните.

Очекувано е дека лидерот на САД ќе добие дополнително внимание и најдобра можна грижа, но некои од третманите што ги добил тој не се достапни за пошироката јавност, посочуваат лекари.

Пред да биде хоспитализиран во петокот, Трамп ја примил експериментална терапија со антитела на „Регенерон“, што може да го намали нивото на коронавирусот и покажа ветувачки резултати во студијата со 275 пациенти.

Сепак, третманот сè уште не доби одобрение за итна употреба од американската Администрација за храна и лекови.

Биотехнолошката компанија „Регенерон“ соопшти дека го обезбедила лекот откако добила барање за т.н. сочувствителна употреба од страна на лекарите на Трамп.

– Се разбира, станува збор за претседателот на САД. Сепак, има скоро 210.000 Американци кои починале во последните неколку месеци, бидејќи одговорот на пандемијата беше лош. Но, тие секако не добија пристап до овој начин на лекување – изјавил епидемиологот Сима Џасмин.

Покрај експерименталната терапија со антитела, Трамп добил и ремдесивир и дексаметазон.

– Претседателот можеби е и единствениот пациент во светот кој некогаш добил ваква комбинација на лекови – вели доктор Џонатан Рејнер, професор по медицина на универзитетот Џорџ Вашингтон.

Ремдесивир не доби одобрение од Управата за третман на ковид-19, но доби одобрение од агенцијата за итна употреба, потсетува Си-ен-ен.

Инаку, Трамп беше хоспитализиран во петокот навечер, а во болница мина само три дена. Во понеделникот тој преку Твитер порача дека се чуствува подобро отколку што се чувствувал пред 20 години.