Американскиот претседател, Доналд Трамп, ја опиша пандемијата на коронавирус како „најлош напад“ досега извршен врз САД, покажувајќи го прстот кон Кина.

Трамп рече дека коронавирусот ги погодил САД потешко од јапонското бомбардирање на Перл Харбор во Втората светска војна или нападите од 11 септември што се случија во 2001 година.

Од појавувањето во кинескиот град Вухан во декември лани, во САД се потврдени 1,2 милиони случаи и повеќе од 73.000 смртни случаи од ковид-19.

Говорејќи пред новинарите во Овалната канцеларија на Белата куќа Трамп рече:

– Поминавме низ најлошиот напад што некогаш сме го имале врз нашата земја, ова е најлошиот напад што сме го имале досега. Ова е полошо од Перл Харбор, ова е полошо од Светскиот трговски центар. Никогаш немало напад како овој. И никогаш не требаше да се случи. Можеше да биде запрен од изворот. Можеше да биде запрен во Кина. Требаше да биде запрен од изворот, но не беше – изјави Трамп.

На прашањето дали ја смета пандемијата како вистински чин на војна, Трамп посочи дека епидемијата е непријател на Америка, а не Кина.

– Го гледам невидливиот непријател како војна. Не ми се допаѓа како стигна овде, затоа што можеше да биде запрен – рече Трамп.