Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера ненадејно излезе од воената болница „Валтер Рид“ каде пред три дена беше хоспитализиран откако му беше потврден коронавирус.

Вчера тој излезе од болницата и од возило им мавташе на неговите приврзаници кои беа собрани пред болницата. Ваквиот потег предизвика остри критики. Најжестока е онаа на еден лекар кој работи во болницата „Валтер Рид“, Џејмс Филипс.

– Секоја личност во автомобилот за време на тој целосно непотребен претседателски поход сега треба да биде во карантин 14 дена. Тие би можеле да се разболат. Може да умрат. Поради политичко шоу – напиша Филипс.

Портпаролот на Белата куќа, Џад Дир, го опиша излегувањето на Трамп од болницата како „кратко возење во моторизирана поворка за да им мавта на приврзаниците“ и додаде дека Трамп многу брзо се вратил во болница.

Дир истакна дека се преземени соодветни мерки на претпазливост за да се заштити претседателот и оние што го поддржуваат. „Потегот беше одобрен од медицинскиот тим“, додаде тој.