Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека 20 американски држави во моментов се подготвуваат да ги укинат санитарните ограничувања воведени поради пандемијата на ковид-19, пренесува ТАСС.

– Повторно ја отвораме Америка. Дваесетина држави што претставуваат 40 отсто од населението објавија дека прават планови и подготовки за безбедно да ги рестартираат своите економии во најскоро време – рече американскиот лидер на брифингот во вторникот.

Тој не даде детаљи.

– Тие се активираат прилично брзо. Три најавија денес, како што знаете. И ќе го сторат тоа безбедно – рече тој.

Минатата недела американската влада објави препораки за постепено укинување на ограничувањата за ковид-19 во земјата. Трамп истакна дека гувернерите треба да одлучат дали да ги укинат постојните ограничувања или не, бидејќи ситуацијата варира од држава во држава.

Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, во САД има над 816.000 документирани случаи на ковид-19 и над 43.900 регистрирани смртни случаи. Њујорк пријави најголем број нови случаи во земјата.

Кон крајот на декември 2019 година, кинеските власти ја известија Светската здравствена организација (СЗО) за појава на претходно непозната пневмонија во градот Вухан, во централна Кина. Оттогаш, случаи на новиот коронавирус – наречен ковид-19 од страна на СЗО – се пријавени во секој дел од светот, вклучително и Русија.

На 11 март 2020 година, СЗО ја прогласи појавата на коронавирус за пандемија. Според најновите статистички податоци, над 2.484.000 луѓе се заразени во светот и пријавени се повеќе од 170.000 смртни случаи. Покрај тоа, досега, над 652.000 лица закрепнале од болеста.