Американскиот претседател, Доналд Трамп најави дека Соединетите држави привремено ќе престанат со финансирање на Светската здравствена организација (СЗО) заради „лошо управување“ со епидемијата на коронавирус.

Тој, исто така, истакна дека е близу до завршување на планот за стопирање на коронавирусот и повторно заживување на проблематичната американска економија во некои делови од земјата, што веројатно треба да биде готов пред 1 мај.

Трамп и се закани на Светската здравствена организација пред седум дена, а сега отиде еден чекор подалеку.

– Денес, наредив прекин на финансирањето на СЗО, додека се спроведува студија за да се испита улогата на СЗО во лошо управување и прикривање на ширењето на коронавирусот – рече тој на прес-конференцијата во Белата куќа.

Според американскиот претседател, СЗО не успеала да ја исполни својата основна должност и мора да понесе одговорност.

– Ако СЗО ја завршеше својата работа и испратеше медицински експерти во Кина за објективно да ја проценат состојбата на теренот, епидемијата можеше да биде задржана во нејзиниот извор со многу малку мртви – додаде тој.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави во вторникот дека Соединетите држави сакаат „радикално да го променат“ начинот на кој работи организацијата.

– Во минатото СЗО направи добра работа. За жал, овојпат не даде се од себе и мора да поттикнеме радикални промени – рече тој.

Зборувајќи за рестартирање на американската економија, Трамп најави дека е близу до финализирање на планот за започнување економски активности, додавајќи дека некои држави би можеле да бидат подготвени пред 1 мај, врз основа на ниската стапка на инфекција.

САД имаат најголем број заразени и починати со коронавирус. Според најновите податоци, во САД има повеќе од 611.000 пациенти и 25.924 починати.