Доналд Трамп за време на НБА-натпревар

Во разговор за „Фокс спортс“ американскиот претседател Доналд Трамп ја нападна НБА-лигата навредувајќи ги кошаркарите кои ги нарече „многу гнасни“ и „многу глупави“, при што ја посочи нивната поддршка на движењето „црните животи значат“ како причина за наводно „слабата гледаност“ на мечевите, пишува „Политико“.

Спортскиот активизам стана „вреќа за удирање“ за претседателот кој очигледно посакува да се кандидира за реизбор против Колин Каперник (НФЛ-играчот од кој потекнува клекнувањето на едно колено при интонирањето на американската химна во знак на протест – н.з.), наместо против Џо Бајден, но сега, веројатно беше откриена нова причина за неговото незадоволство. Најсилната светска кошаркарска лига всушност, има голема гледаност по враќањето во ударниот термин. Згора, НБА-лигата успеа да постигне нешто до чие остварување Трамп не е ни блиску, и покрај бројните ветувања во изминатите неколку месеци – таа го победи ковид-19.

Американците се помирија со реалноста во која нема наскоро да се вратат на работа и на училиште, не можат да се гледаат со пријателите и нема да добијат вакцина барем до следната година, но барем можат да се потпрат на НБА-лигата – натпреварувањето во кое играчите се здрави и се вратија на теренот. Во средата НБА-лигата соопшти дека нема ниту еден случај на коронавирус меѓу 344-те активни кошаркари во изминатите четири недели. Тоа е резултат на работата на лигата која вложи големи напори во борбата против вирусот, односно за организирање на „меурот“ за карантин на кошаркарите во Орландо, што овозможи да продолжи натпреварувањето.

Она што НБА и другите професионални спортски натпреварувања во САД, вклучувајќи ги ВНБА и НХЛ-лигата во хокеј на мраз го прават, е доказ за напорите кои инаку се отсутни од американското општество. Нема „лига“ која би поставила правила за Американците, односно за големата држава која немаше изгледи да се придржува кон еден пристап.

Гледањето на возбудливите мечеви и иновативните телевизиски преноси, како и релативната безгрижност на кошаркарите и тренерите, претставува радост и привремено бегство во подобар свет. Тој свет е овозможен само поради напорите, жртвите и компромисите поради кои диверзифицираната група на луѓе не дозволи различните интереси да се попречат на патот до заедничката цел – враќањето на кошарката и повторното остварување на профит.