Тимот на Светската здравствена организација (СЗО) пристигна во ветеринарниот објект во кинескиот град Вухан во потрага по траги од потеклото на пандемијата на коронавирусот, пренесува „Ројтерс“.

Тимот независни експерти веќе ги посетија клучните болници, регионалниот центар за контрола на болести и пазарот на риби и морски плодови Хуанан, за кој се верува дека е поврзан со првиот кластер на коронавирусот, кој се појави на крајот на 2019 година.

Питер Дашак, еден од членовите на тимот, за „Ројтерс“ изјави дека посетата се одвива „многу добро, одлично“. Меѓу членовите на тимот е и Питер Бен Ембарек, водечки експерт на СЗО за зоонски болести.

Ветеринарна установа во провинцијата Хубеи, која се бори против епидемиски заболувања кај животните, може да обезбеди информации за тоа како вирусот во југозападна Кина се шири од лилјаци на луѓе, евентуално преку посреднички вид.

Директорот на СЗО за вонредни ситуации Мајк Рајан во понеделникот изјави дека истрагата може да не ги даде сите одговори на прашањата за потеклото на ковид-19, опишувајќи ја мисијата како детективска приказна што ќе отвори нови прашања. Тој ги критикуваше и сите оние кои изјавија дека нема да ги прифатат резултатите од истрагата на тимот.