Експертите на СЗО го посетија Институтот за вирологија во Вухан како дел од истрагата за потеклото на пандемијата на коронавирусот.

– Институтот во моментов е најконтроверзното место во светот, ако се земат предвид бројните теории дека ширењето на вирусот кој зарази и уби милиони луѓе и го заклучи целиот свет започна од таму – пишуваат западните медиуми.

Тимот на СЗО чекаше неколку месеци за воопшто да добие дозвола за влез во Кина, а кога тоа го направија, кинеските власти ги испратија во 14-дневна изолација.

Десет истражувачи од тимот на СЗО учествуваат во обиколката на институтот.

– Тимот очекува многу продуктивен ден и ќе ги постави сите потребни прашања – им рече на новинарите еден од членовите на тимот, Питер Дасак, пред посетата.

Институтот има неколку лаборатории кои се под строги безбедносни мерки и во кои истражувачите работат на коронавирусите.

Покрај теориите на заговор, поранешниот американски претседател Доналд Трамп исто така го обвини институтот за „протекување“ на вирус што ја предизвикал пандемијата.

Пекинг ги негираше обвинувањата и има своја теорија – дека постои можност вирусот да е увезен во Кина.