Државите и компаниите итаат да развијат брзи и евтини тестови со кои здравствените работници во првите борбени линии против коронавирусот ќе можат за кратко време да добијат резултати за своите пациенти. Тие може да овозможат масовно тестирање на населенијата и да означат промена на играта во битката против ковид-19

Масовни зафати за развивање и дистрибуција на брзи и евтини тестови за коронавирусот

Светот води трка со времето да развие што побрзи и поефикасни тестови за да го спречи ширењето на коронавирусот. Од масовноста и достапноста на овие тестови зависат одговорите на клучните прашања за државите и за здравствените работници – кои луѓе се заразени, колку се болни и колку брзо се шири заразата, а се во функција за ефикасно спротивставување на вирусот. Државите се обидуваат да најдат одговори на овие битни прашања за да можат да донесат ефикасни одлуки за справување со здравствената криза, а компаниите, пак, итаат да создадат брзи и евтини тестови со чија помош здравствените работници во првите борбени линии против коронавирусот ќе можат за кратко време да добијат резултати за своите пациенти. Тие може да овозможат масовно тестирање на населенијата и да означат промена на играта во битката против ковид-19.

ДВЕ ФАЗИ НА РЕАКЦИЈА НА ЗАРАЗНИТЕ БОЛЕСТИ

Општо земено, одговорот на појавата на заразни болести има две фази – ограничување на ширењето и ублажување на последиците. Фазата на ограничување се случува рано, кога почнуваат да се појавуваат првите случаи. Јавните здравствени работници прават интервјуа за да ги утврдат сите луѓе со кои заразеното лице можеби стапило во контакт, за потоа да ги известат, изолираат или лекуваат, во обид да го намалат понатамошното ширење на заразата. Но без можност да се провери дали луѓето се заразени преку соодветни тестови, лекарите не можат ефикасно да го запрат ширењето во рамките на овие мрежи.
Втората фаза настапува кога болеста се шири толку што ги надминува можностите на јавниот здравствен систем да ги испита и да се справи со сите поединечни случаи. Без можност да се тестира огромен број луѓе, тешко е да се пресмета колку од болните ќе мора да се лекуваат или евентуално ќе починат. Кај ковид-19, процентот на заразени луѓе што умираат од болеста варира од под еден отсто до 15 отсто, во зависност од тестирањата што ги спроведуваат земјите. Многу фактори влијаат врз разликите, како целокупната здравствена состојба на населението, демографската слика или развиеноста на здравствениот систем.
Во момент кога битката против коронавирусот ја водат цели држави, мерките за ублажување на последиците од пандемијата, како социјалното дистанцирање, работењето од дома или забраните за движење, се спроведуваат за да се намали бројот на заразени и на жртви. Целта е да се растовари здравствениот систем, со надеж дека во меѓувреме што побрзо ќе се откријат нови тестови и третмани, посочува магазинот „Вајрд“.

ТЕСТ ЗА ПЕТ МИНУТИ И ЗА ЕДЕН ДОЛАР

Во изминатиот период, десетици компании почнаа да развиваат тестови за откривање на коронавирусот, користејќи нови технологии за побрзо дијагностицирање. Нивната цел е да развијат брз и евтин тест со чија помош здравствените работници ќе можат за кратко време да добијат резултати за своите пациенти. На светските пазари цените на тестовите се движат од 1,5 долар па нагоре, а кај нас сѐ уште се околу 25 долари.
– Земате примерок од пациентот, обично брис од нос или од грло, го ставате во кертриџ, а тој во машина, потоа притискате копче и за 30 минути добивате дијагноза. Тоа е главната цел кон која се стремат овие компании – вели еден здравствен експерт, посочувајќи дека друга цел е тестовите да се произведуваат во големи количества.
Американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција претстави нов тест за дијагностицирање ковид-19, кој, според производителот, може да даде резултат за присуство на коронавирусот само за пет минути или негативен резултат за 13 минути.
Тестот е развиен од компанијата за медицински уреди „Абот“ и со забрзана постапка од април ќе почне да се дистрибуира во клиниките во САД. Според „Абот“, тестот ќе се врши со „Ај-ди нау“, односно со лесно пренослива машина со големина на мал тостер, која веќе е широко достапна молекуларна платформа за тестирање болести како грип. Од компанијата велат дека машината може да тестира по еден примерок поединечно. Здравствениот работник зема примерок од носот или од грлото на болниот пациент и потоа брисот го меша со хемиски раствор, кој го пробива вирусот и го ослободува неговиот генетски материјал. Примерокот потоа се става во машината, која користи специјална изотермална технологија за реплицирање и засилување мал дел од генетските секвенци на вирусот, ако се присутни во примерокот, за да се утврди дали лицето е позитивно или негативно на ковид-19.
Трамп тврди дека овој уред ќе ја промени играта во борбата против коронавирусот.

ДА СЕ ИЗБЕРЕ НАЈЕФИКАСНИОТ МОДЕЛ

Досегашното искуство покажа дека можноста за добивање навремена дијагноза за ковид-19 во најголема мера зависи од местото на живеење. Додека едни држави сметаат дека треба да тестираат само лица што манифестираат симптоми, други се стремат кон масовно тестирање за да откријат што повеќе симптоматски и асимптоматски случаи и да го спречат ширењето на пандемијата. Во меѓувреме, на граѓаните им останува да се придржуваат на индивидуалните мерки за запирање на коронавирусот, како социјално дистанцирање, работење од дома или самоизолација. Од друга страна, владите мора да направат сѐ да ги применуваат стратегиите на тестирање што досега се покажаа како најефикасни во сузбивањето на пандемијата на коронавирусот, дури и ако тоа значи инвестирање во што повеќе тестови за масовно тестирање, зашто придобивките се непроценливи.

[email protected]