Повеќето соседни земји веќе започнуваат зафати за масовно тестирање на населението. Македонија исто така прави напори да влезе во друштвото на земјите што успешно се справиле со коронавирусот, па во таа насока се подготвува операција за помасовно тестирање на населението

Повеќето соседни земји започнаа процес на масовно тестирање на граѓаните за да можат здравствените власти да добијат реална слика за тоа колку е раширен коронавирусот.
Словенија го започна ваквото масовно тестирање пред неполн месец, Србија презема сличен чекор, а масовно тестирање неделава се очекува да започне и во Хрватска.
И Македонија прави напори да влезе во друштвото на земјите што успешно се справиле со коронавирусот, па во таа насока се подготвува операција за помасовно тестирање на населението.

Центарот за јавно здравје во Скопје, во соработка со Институтот за јавно здравје, подготвува план за скрининг на лица за кои се смета дека спаѓаат во критични категории, како здравствени работници, вработени во градинки, вработени во домови за згрижување стари лица, припадници на полицијата, возачи во ЈСП и таксисти, вработени во јавни служби (шалтерски работници), како и на пациенти пред хоспитализација.
– Во текот на следните денови ќе биде готов новиот алгоритам и ќе се дефинира целниот број на тестови што ќе се прави дневно. Кластерите по возраст и хронични болести би биле опфатени со испитувања во натамошниот период, за да се види заразеноста на населението од овој вирус – велат од Министерството за здравство, појаснувајќи ја потребата од помасовно тестирање на популацијата.

Резултатите од серолошките тестирања во Словенија покажале дека во оваа земја со вирусот биле заразени меѓу два и пет отсто од популацијата, а ако тоа се потврди и кај нас, тоа ќе значи дека македонското општество е многу далеку од постигнувањето на таканаречениот имунитет на стадо, за што е потребно ковид-19 да го прележале меѓу 60 и 70 отсто од популацијата.
Масовното серолошко тестирање што го започнуваат повеќето европски земји е за да се овозможи постепено враќање на животот во нормала.
На социјалните мрежи во Македонија веќе се отвори расправа за масовното тестирање на граѓаните, а министерот за здравство Венко Филипче вчера мораше да ја демантира лажната вест испратена од адреса што личи на онаа на Министерството во здравство, а во која се предупредуваат граѓаните дека доколку не прифатат да бидат тестирани, ќе бидат уапсени.

– Меѓу граѓаните се шири е-порака со невистината содржина испратена од лажна адреса, која наликува на Министерство за здравство. Известен е Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, кој веќе постапува за овој случај – напиша Филипче.
Здравствените стручњаци појаснуваат дека под масовно тестирање не се подразбира тестирање на сите граѓани бидејќи ниту една земја нема можност да го тестира целокупното население, туку за процена на раширеноста на вирусот се одбира репрезентативен примерок од популацијата што вклучува лица од различни старосни групи од обата пола.
– За такви истражувања се препорачува да се користат стандардизирани протоколи, а еден од таквите е и протоколот на Светската здравствена организација – велат познавачите на состојбите.

Според инфектологот Вело Марковски, најавите за масовно тестирање имаат повеќе врска со политиката, отколку со науката.
Негово мислење е дека треба да се тестираат само оние луѓе што имаат симптоми.
– Кај асимптоматските случаи многу често се случува да има лажно негативни или лажно позитивни резултати – смета Марковски.