Фото: Игор Бансколиев

Земјите како Кина покажаа дека единствен начин за запирање на ширењето на коронавирусот е преку масовно тестирање, кое бара организирани и координирани ресурси и минимални материјални трошоци, а придобивките се непроценливи. Овие земји се пример дека моделот се исплати и дека откривањето, тестирањето, изолирањето и лекувањето на луѓето суштински го намалуваат ширењето на вирусот, а, секако, и бројот на заразени и жртви. Остатокот од светот треба да ги следи овие држави, кои сега го предводат сузбивањето на пандемијата преку масовно тестирање

ВЛОГОТ Е МИНИМАЛЕН, А ДОБИВКАТА Е НЕПРОЦЕНЛИВА

Додека расте бројот на заразени и жртви од пандемијата на коронавирусот во светот, сѐ повеќе експерти повикуваат да се прифати моделот на масовно тестирање на населението, кој од досегашното искуство се покажа како најефикасен за сузбивање на пандемијата. Тие велат оти светот мора што побрзо да ја прифати стратегијата на масовно тестирање на коронавирусот пред да биде предоцна. Кина прва почна масовно да го тестира населението од коронавирус, за што побрзо да го спречи ширењето на пандемијата, и тоа даде резултати. Жестокиот кинески одговор за здравствената криза им купи време на другите земји во светот, но тие не го искористија овој период за соодветно да ја планираат својата реакција. Многу реагираа задоцнето и решаваа да тестираат ограничено, само лица со симптоми, како во случајот со Македонија.

Спротивен пример е Јужна Кореја, која првично беше едно од најголемите жаришта на коронавирусот надвор од Кина. Клучот за успехот на Јужна Кореја се брзината и раната иницијатива за масовно тестирање, како и ригорозно следење на контактите и задолжителен карантин за сите што биле во близина на носители на вирусот. Земјата, со население од 51 милион жители, тестира по повеќе од 20.000 луѓе на ден во над 600 центри за тестирање, додека интегрира апликации што следат лица што биле позитивни на тестовите и предупредува други ако можеби биле изложени на потврдени случаи.

Во обид да го спречи ширењето на болеста, Британија најави дека илјадници 15-минутни домашни тестови ќе бидат дистрибуирани до населението преку аптеките и интернет-продавниците за да се направи што помасовно тестирање. Здравствените власти велат дека масовното тестирање би можело да биде можно од наредната недела. Како што посочува „Гардијан“, станува збор за тест што личи на тестот за бременост, при што мала игла го боцка корисникот на прстот и апаратот ја анализира крвта.
Според некои мислења, цената на тестовите е еден од клучните фактори што го овозможуваат или го оневозможуваат масовното тестирање. На пример, Кина тестира бесплатно, додека во остатокот од светот има разлики во цените, кои се движат од долар и половина до неколку стотици долари, а вториве се обвинуваат за профитерство. И кај нас проструија вести за цената на чинење на тестовите, од околу 25 евра, што е исклучително висока цена, но информациите што се лесно достапни, проверливи и веродостојни се дека еден тест чини околу евро и половина! Поаѓајќи од ова, лесно може да се направи математичка калкулација за тоа колку ќе чини еден зафат на помасивно тестирање на граѓаните, како и брзите мерки, кои ќе бидат исклучително поефикасни во борбата против ширење на заразата.

Вирусот мора да се идентификува пред да се појават симптомите

Ким Соер од Универзитетот во Мелбурн е еден од многуте експерти што сметаат дека масовното тестирање е најдобро за запирање на ширењето на пандемијата. Земјите треба што побрзо да почнат масовно да го тестираат населението. Според Соер, досегашните податоци ја покажуваат клучната улога на асимптоматските носители на вирусот. Со други зборови, не е битно само лицето до вас што кашла, туку и тоа што не кашла. Затоа е важно да се изолираат асимптоматските случаи. Вирусот зависи од ширењето од асимптоматските до ранливите членови на населението. Сегментацијата на асимптоматските од ранливите случаи е клучна за борбата против вирусот. Не е доволно да се идентификува вирусот само откако ќе се појават симптомите. Мора да се идентификува пред да се појават симптомите. Позитивни примери нудат Кина, Јужна Кореја или италијанскиот град Во, каде што масовното тестирање драматично го намали бројот на нови заразени и жртви.

– Предизвик е како да се почне масовното тестирање. Но тоа треба да биде највисок приоритет на владите. Ние мора да го изолираме вирусот, а не луѓето. Единствениот начин да се стори тоа е да се тестира – посочува Соер.
Како што додава, мора да се тестираат лицата изложени на поголеми ризици, но и оние што не се изложени на ризик и се асимптоматски.
– Тоа значи дека мора да почнеме со случајно тестирање, не само со тестирање по идентификување заразено лице. Владите треба што побрзо да почнат со масовно тестирање. Ако се потрошат милијарди долари за откривање, тестирање и изолирање и лекување на заразените, ќе се заштедат многу други милијарди долари во наредните месеци. Тестирањето мора да биде приоритетно. За да го победиме вирусот, треба да го најдеме и да го изолираме – заклучува Соер.

ПЕТ АРГУМЕНТИ ЗА МАСОВНО ТЕСТИРАЊЕ

Според магазинот „Форин полиси“, има најмалку пет причини зошто е важно масовно тестирање. Прво, поголема е веројатноста за изолација кај луѓето што биле позитивни на тестовите за коронавирус. Второ, потребно е да се скине синџирот на пренесување, а за таа цел здравствените власти треба да знаат каде е вирусот и кој е изложен на него. Имајќи предвид дека некои студии проценуваат оти пресиптоматскиот пренос учествува приближно во 50 отсто од случаите, потребно е масовно тестирање за да се осигури дека носителите на коронавирусот не го пренесувале на други лица иако не знаеле за тоа. Сето ова овозможува да се изолираат и лицата што биле во контакт со нив. Трето, бидејќи здравствените власти се соочуваат со ограничен број респираторни машини и кревети, тестирањето овозможува подобро да се предвиди колку пациенти ќе пристигнат во болниците во наредниот период. Четврто, како што покажаа Кина и Јужна Кореја, одредени региони во една земја може да бидат жаришта на вирусот со голем број заразени. Но наместо да се реагира откако ќе се примат болните во болница, жариштата може да се предвидат со активни тестирања. Петто, Светската здравствена организација (СЗО) дневно објавува број на заболени и жртви за да се следи трендот на пандемијата, но без масовно тестирање, вклучувајќи ги и оние со благи симптоми или оние што се асимптоматски носители на вируси, никој не може да знае колку е голем проблемот. Огромна е разликата ако една земја има 50 или 50.000 случаи, а без точни бројки, државите и лекарите гаснат пожар, а не знаат ниту колкав е огнот ниту од каде доаѓа.

Фото: Игор Бансколиев

И СРБИЈА ГО СПРОВЕДУВА „КИНЕСКИОТ МОДЕЛ“

Во регионот, Србија најави масовно тестирање на населението заради спречување на ширењето на коронавирусот, што е промена од досегашниот план, кој подразбираше многу помал број тестирања, само кај лицата што имаат симптоми. Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека масовното тестирање ќе се спроведува по препорака од кинеските експерти во земјата, а целта е да се откријат, тестираат и лекуваат што повеќе заразени за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Ли Бинглианг, еден од кинеските експерти што пристигнаа во Србија за да ѝ помогнат да се справи со пандемијата, нагласи дека е важно да се спроведе масовно тестирање за да се откријат заразените, бидејќи во спротивно ќе продолжи да се зголемува бројот на позитивни случаи на ковид-19.

– Истовремено е важно да се применуваат мерките на изолација за да се спречи понатамошно ширење на други луѓе – нагласи тој.
Србија, како што нагласуваат тамошните медиуми, ќе го користи „кинескиот модел“ само изменето, бидејќи земјата ги нема ресурсите на Кина што ѝ овозможуваа да направи мали епидемиолошки тимови што одат од стан до стан, мерат температура и прават брзи тестови на коронавирус, по што лицата се сместуваат или во болниците или во специјално подготвените стадиони, како и училишта за лицата со послаби симптоми на коронавирус. Според најавените процедури, масовното тестирање ќе се спроведува во неколку чекори. Прво, лицата и понатаму се јавуваат на специјалните броеви ако се посомневаат на симптоми. Потоа епидемиолозите проценуваат дали се кандидати за тестирање. Трето, лицата одат во специјални објекти во здравствените домови, каде што им се земаат брисеви. Тестовите траат до пет часа, а за резултати се чека од еден до два дена. Лицата во меѓувреме се во строга изолација. Ако тестовите се позитивни, лицата се примаат во болница.

ДА СЕ ПРИФАТИ НАЈЕФИКАСНИОТ МОДЕЛ

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејсус, неодамна испрати кратка, но и јасна порака до сите земји, која гласеше: „Тестирајте, тестирајте, тестирајте“. Земјите како Кина и Јужна Кореја покажаа дека единствен начин за запирање на ширењето на пандемијата на коронавирусот е преку масовно тестирање на населението, кое можеби бара исцрпувачки човечки и материјални напори, но придобивките се непроценливи. Овие земји се пример дека овој модел се исплати и дека откривањето, тестирањето, изолирањето и лекувањето на луѓето на крајот ги намалуваат ширењето на вирусот, притисокот врз здравствените власти, но и бројот на жртви. Остатокот од светот треба да ги следи овие источноазиски држави, кои сега го предводат патот кон сузбивање на пандемијата преку масовно тестирање.


Повик за масовно тестирање во Шведска

Шведската влада досега ги слушаше органите за јавно здравје, кои постепено предложија построги ограничувања и препорачаа само лицата што имаат потреба од болничка нега и персонал за нега да бидат тестирани од коронавирусот. Но ваквата стратегија е погрешна. Владата мора строго да го ограничи контактот меѓу луѓето во општеството и да тестира многу позначително повеќе за инфекција отколку денес, порачуваат потписниците на отвореното писмо до властите, меѓу кои има над 2.000 академски граѓани од универзитетите.

– Ние сакаме Владата да го реши ова. Имам чувство дека сакаат да ја шират инфекцијата за да добијат имунитет, но тоа е доста цинично, затоа што ќе биде по цена на стотици, ако не и илјадници животи. Наместо тоа, треба значително повеќе да се тестираат за коронавирусот. Тогаш земјата станува побезбедна и само оние што се болни треба да бидат изолирани – вели Оле Компе, потписник на писмото, кој самиот се изолирал откако се посомневал дека се заразил со ковид-19, кога пациент му се накашлал при преглед.

Компе вели дека на властите им се потребни што повеќе податоци.
– Бидејќи никој денес не знае колку луѓе се заразени, потребни се и построги ограничувања. Додека не се добие подобра идеја за ситуацијата, мислам дека е добра идеја да ги затвориме училиштата, рестораните и местата за забава – нагласува Компе.
Министерката за социјална работа Лена Халенгрен ја поздрави заложбата и ја истакна нејзината доверба во јавното здравство на Шведска.
– Забележувам дека има многу дискусии за тоа како најдобро да се бориме против инфекцијата и ја поздравувам заложбата за ова важно прашање. Нашата работа се заснова на процените на стручните органи, особено на јавните здравствени установи – порача таа.