Кога во март една жена од Сиетл волонтираше да учествува во третман со пробна вакцина за ковид-19, лажни вести и гласини веднаш почнаа да циркулираат по медиумите. Наводно, станувало збор за актерка, а вакцината која ја добила не била вистинска. Во Оксфорд, пак, друга волонтерка која учествувала во одделно испитување на вакцини против ковид-19 исто така стана предмет на лажни вести. За  неа се тврдеше дека починала по примената вакцина, што се испостави дека не е вистина, пренесува „Атлантик“. 

Иако сѐ уште нема развиена ковид-вакцина, теориите на заговор пристигнаа пред неа. Вакцините за САРС се чуваат како последна резерва, а сепак, лажните вести се проширија по медиумите. 

– Првично бев оптимист дека, кога луѓето ја почувствуваа потребата од ковид-вакцина, движењето против вакцинирањето на одреден начин ќе се повлече, барем на извесен период. Но, се случи сосема спротивно сценарио – вели Питер Хотез, научник за вакцини на Медицинскиот колеџ „Бајлор“, кој и самиот станал честа цел на скептици за вакцинирање.

Хотез посочува дека неколкуте случаи што ги вооружуваат антиваксерите претставуваат смешна метафора за тоа колку лесно тие се манипулирани. 

Се очекува дека ковид-вакцината ќе му биде понудена на светот во време кога самата пандемија ќе стане длабоко политизирана, каде едноставното носење или неносење на заштитна медицинска маска на лицето, на пример, може да се смета како политички чин. Една неодамнешна анкета на „Ројтерс“ открива дека 24 отсто од Американците имаат мал или сосема никаков интерес да примат вакцина против коронавирусот. На прашањето за сценарио во кое претседателот Доналд Трамп би потврдил дека вакцината е безбедна, 14 отсто рекле дека ќе бидат позаинтересирани, но 36 отсто рекле дека ќе бидат помалку заинтересирани да се вакцинираат.

– Постојат големи очекувања кај луѓето кога станува збор за ефективноста на вакцините. Доколку тие не се 100-отсто ефикасни, масите губат доверба во нив и во нивната значајност. Некои вакцини, како вакцината за детска парализа или сипаници, имаат 90-отстотна ефикасност. Но, вакцините против грип имаат околу 40 до 60 отсто ефикасност. Затоа е толку тешко да се уверат луѓето за неопходноста од вакцинирање против грип. Исто ќе биде и со вакцината против коронавирусот – вели Брус Гелин, претседателот за глобална имунизација во Институтот за вакцини во „Сабин Гелин“. 

Опасноста исто така влијае врз довербата на граѓаните која се менува со текот на времето. Во средината на март, во САД седум отсто од луѓето изјавија дека би одбиле да се примат ковид-вакцина. Тој број опадна на пет отсто само две недели подоцна, кога смртните случаи на ковид-19 се зголемија, а се искачи на девет отсто кога откако беа најавени олеснувања на мерките за движење.

– Пандемијата на ковид-19 ни даде потсетник за тоа како е да се живее со болест без лек и без вакцина – и можеби оваа пандемија, се надеваат некои од експертите, би можела да ги исплаши и натера родителите да го сменат ставот за невакцинирање на децата. Или, сепак, не. Колку брзо можеме да заборавиме на сето ова? До моментот кога вакцината е на пазарот, најлошиот период од кризата со коронавирусот може да биде завршен и зад нас. Најстрогите ограничувања за изолирање во домовите веројатно ќе бидат укинати. Сите дезинформации настрана, вакцината, наместо да биде дочекана како „спасител“, може да се смета дека стигнала предоцна – се заклучува во анализата на „Атлантик“.