Третата доза вакцини против коронавирусот е решението, им порача градоначалникот на Тел Авив, Рон Хулдаи, на градовите кои се справуваат со потешкотии за време на пандемијата, а пренесе „Блумберг“.

Масовната вакцинација на популацијата во Израел со трета доза го намали бројот на заразени случаи, како и компликациите предизвикани од болеста и трупањето пациенти по болниците. Како резултат на примената трета доза, рестораните и продавниците повторно се полни.

– Нова варијанта на вирусот би можела повторно да ја смени траекторијата на пандемијата, но засега, бустер-дозата функционира. Вирусот, како да не постои на улиците на Тел Авив. Дури 99 отсто од работниците во градот се вакцинирани – изјави Хулдаи во интервју за „Блумберг“.

Израел води во светската трка за вакцинација, но бројот на заразени се зголеми летоска поради ширењето на делта-варијанта на вирусот. Токму затоа, населението доби трета доза од почетокот на август и оттогаш во Израел трета доза примија 2,8 милиони луѓе. Истражувањата покажуваат дека ефикасноста од две дози се намалува со текот на времето и оти третата доза помага во зајакнување на имуниот систем.