Акциите на фармацевтските компании вртоглаво пораснаа откако тие влегоа во трка за откривање на успешна вакцина, по што голем број на акционери побрзаа да ги продадат нивните акции за да остварат големи профити. Но, творецот на вакцината на „Фајзер/Бионтек“ Угур Шахин, не продал ниту една акција за време на пандемијата, објавува „Форбс“.

Ваквата одлука го одразува карактерот и пристапот на Шахин кон животот и работата. Тој е скромен извршен директор, кој на работа оди со велосипед и не поседува автомобил. Тој, наводно, ги научил деловните аспекти на биотехнологијата преку видеа на Интернет и читање книги. Со тоа, Шахин докажува дека работи во интерес на науката и доброто на луѓето.

Извршниот директор на „Модерна“, Стефан Бансел, од стартот на пандемијата продал акции со вредност од околу 150 милиони долари, а поседува нешто помалку од 8 отсто од компанијата. Тал Закс продал повеќе акции во вредност од 100 милиони долари, односно речиси сите акции што ги акумулирал откако станал главен медицински директор на „Модерна“ во 2015 година.

„Бионтек“ првично беше проценета на 3,4 милијарди долари. Со развојот на вакцината против ковид акциите забележаа раст од 900 отсто од 2019 година, со што вредноста на компанијата денес се проценува на 37 милијарди долари. „Бионтек“ се очекува да оствари приход од 11,5 милијарди долари од зделките за продажба на нивната вакцина. Официјално, акциите на Шахин вредат околу 6,1 милијарда долари.

– Нашиот начин на развивање на технологии не се заснова на идејата за успех само во едно единствено поле. Наместо тоа, нашата цел од самиот почеток беше да изградиме нов индустриски пристап за фармацевтски производи кои ќе можат да одговорат на медицинските потреби во повеќе области – заклучува Шахин.