Брачната двојка Елена Манињети и Рајан Озборн од Манчестер, тргнале на пат преку Атлантикот, од Канарските Острови до Карибите.

По 25 дена на море и многу малку комуникација со надворешниот свет, кон средината на март одлучиле да се закотват на еден мал остров.

Но, кога успеале да фатат телефонски сигнал на брегот, откриле дека островот е целосно затворен и дека во светот владее глобална пандемија, а тие не знаат ништо за тоа, пишува „Њујорк пост“.

– Слушнавме уште во февруари дека има некој вирус во Кина и тоа е тоа. Немавме поим дека целиот свет е во хаос – рече Елена.

Кога се слушна за коронавирусот двојката била на море, а бидејќи имале ограничен пристап до интернет и не можеле да комуницираат толку многу со пријателите и семејството, тие не ни знаеле колку е сериозна ситуацијата.

Во моментов, Елена и Рајан се безбедни во Бекија, Сент Винсент, каде што го користат својот GPS-систем за да докажат дека се во изолација речиси еден месец, јави Би-би-си.