Отворен „патувачкиот меур“ помеѓу Австралија и Нов Зеланд

Прегратки и солзи можеа да се забележат на аеродромот во Окленд, Нов Зеланд, откако Австралијците добија дозвола за патување без рестрикции кај нивниот сосед, за првпат по една година, од воведувањето на мерките против коронавирусот, пренесува „Би-би-си“.

„Патувачкиот меур“ договорен помеѓу Австралија и Нов Зеланд значи укинување на изолацијата од две недели која беше задолжителна пред влезот во Нов Зеланд или во Австралија. Двете земји имаат ниски стапки на инфекција, главно поради строгите ограничувања и мерки кои ги воведоа.

– Не сфатив колку емоционална ќе бидам денеска – изјави една патничка на аеродромот во Сиднеј.

Но, додека многумина беа во исчекување да ги видат своите најблиски, за други тоа значеше тажна пригода.

– Мојот постар брат почина минатата недела, и ние не можевме да стигнеме за неговиот погреб. Патувачкиот меур ни дава можност да се вратиме дома без да поминеме време во карантин и да се збогуваме со него – изјави Џон Палалаги од Сиднеј.

Двете земји ги затворија своите граници во март минатата година и воведоа задолжителен карантин за враќање на нивните државјани. Патувачкиот меур значи и големо олеснување за патничката и туристичката индустрија.

– Навистина е возбудливо да се започне патување без карантин со Австралија. Било да е тоа враќање на семејствата, пријателите или оние кои одат на одмор, Нов Зеланд им посакува добредојде – изјави премиерката на Нов Зеланд, Јакинда Ардерн.

Строгите гранични контроли и предвременото затворање се меѓу мерките што ги одржуваа ниските стапки на инфекција во двете земји. Австралија има само 910 смртни случаи, додека Нов Зеланд 26 смртни случаи. И покрај нејзиниот успех во спречувањето на епидемиите, австралиската влада се соочува со сè поголеми критики во врска со доцнењето на вакцините.