Смртта на медицинската сестра во Австрија, која почина како последица на згрутчување на крвта, откако ја примила вакцината на „Астразенека“, нема никаква врска со вакцината, тврди Европската агенција за лекови (ЕМА).

ЕМА соопшти дека досега нема индикации оти причината за смртта е поврзана со вакцината.

Медицинската сестра починала во болница во Цветл поради коагулација, а друга нејзина колешка добила белодробна емболија, неколку дена по вакцинацијата.

Австриските власти по овие случаи веднаш ја повлекоа од употреба серијата на вакцини со кои биле вакцинирани медицинските сестри.

Иако нема никаква врска помеѓу вакцината и смртта и болеста на медицинските сестри, Службата за здравствена безбедност ја повлече таа серија и започна истрага за случајот.

Податоците од Обединетото Кралство, каде што милиони луѓе се веќе вакцинирани, потврдуваат дека вакцината на „Астразенека“ е многу ефикасна против тешки заболувања од Ковид-19 кај сите возрасни групи.