Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со скратувањето на полицискиот час, и Македонија ги почна првите чекори кон постепено враќање кон секојдневието, па со право повеќемина си го поставуваат прашањето дали и земјава ја очекува истата судбина (или не) во поглед на враќањето на своите работни места, кои „мируваа“. Потврда за реалноста на таквата дилема се и неодамнешните отпуштања работници во угостителскиот сектор, а газдите ги правдаа ваквите потези со неможноста да остварат приход и да им исплатат плати на работниците

Корона-кризата е повеќе од закана
за работните места

Невработеноста во Европа би можела да се зголеми двојно во периодот по завршувањето на корона-кризата и олабавувањето на рестриктивните мерки, покажува истражување спроведено од консултантската куќа „Мекинси“.
Со скратувањето на полицискиот час, и Македонија ги почна првите чекори кон постепено враќање кон секојдневието, па со право повеќемина си го поставуваат прашањето дали и земјава ја очекува истата судбина (или не) во поглед на враќањето на своите работни места, кои „мируваа“. Потврда за реалноста на таквата дилема се и неодамнешните отпуштања работници во угостителскиот сектор, а газдите ваквите ги правдаа потези со неможноста да остварат приход и да им исплатат плати на работниците.

Да се направи сѐ што е можно за зачувување на работните места!

Трендот на отпуштања од работа не е туѓ ниту во соседството, па бугарскиот премиер Бојко Борисов јавно ги објави податоците за луксузниот возен парк на богатите претприемачи што ги отпуштија своите вработени. Тој јавно ги повика да ги продадат скапите автомобили и да им дадат плата на работниците, наместо да ги отпуштаат.
Според професорот Трајко Славески, македонската економија е тесно поврзана со европската и работите што се случуваат таму брзо ќе се одразат и тука.
– Многу сектори се погодени од корона-кризата. Оние што први затворија, најверојатно последни ќе бидат отворени. Мислам на хотелиерството, угостителството, сектори што најмногу се погодени – вели Славески.
Тој додава дека кризата ги погоди и компаниите што работат во развојните зони, кои уште во февруари ги почувствувале првите проблеми предизвикани од пандемијата.
– Сите компании што се поврзани со набавка на материјали од странство го прекинаа производството. Мислам на фабриките во зоните, текстилната индустрија, чевларската индустрија. Сето тоа сега е замрено – нагласува Славески.

Се зголеми ли бројот на невработени во земјава?

Коментирајќи го потенцијалното зголемување на невработеноста по кризата со коронавирусот, Славески смета дека работите во тој дел се доста нејасни.
– Пристапот околу невработеноста по завршувањето на кризата е доста нејасен. Имено, многу работници се пуштени на принуден одмор и тие не се пријавуваат како невработени, оти очекуваат подоцна да се вратат на работа. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Во секој случај, многу нешта во домашната економија ќе зависат од тоа како ќе закрепнува европската економија – смета Славески.
Слично мислење има и поранешниот гувернер Петар Гошев, кој вели дека нештата ќе зависат од тоа колку долго ќе трае кризата.
– Сè зависи кога ќе заврши ова, односно дали ќе се повтори наесен или ќе се најде вакцина. Ова е многу потешка криза од онаа во 2008 година. Што ќе се случува во Европа, тоа ќе се случува и кај нас. Сè додека причината за оваа криза не биде отстранета, не може да стартува економијата – нагласува Гошев.


Коронавирусот ќе загрози 59 милиони работници во Европа

Невработеноста во Европа може речиси да се удвои во наредните месеци со тоа што 59 милиони лица ќе бидат под ризик да ја изгубат работата поради пандемијата на коронавирусот, според процените на консултантската фирма „Мекинси“.
Консултантската фирма проценува дека еден од четири работници во ЕУ и во Велика Британија ќе бидат под ризик од скратено работно време или пониска плата, привремено или трајно отпуштање.
Најзагрозените сектори опфаќаат 54,8 милиони работници, од кои повеќето работат со близок контакт на луѓе и се изложени на директна комуникација, како продавачите, готвачите и актерите.

„Мекинси“ проценува дека пандемијата од ковид-19 речиси двојно ќе ја удвои стапката на невработеност во Европа во претстојните месеци. Според најлошото сценарио, во кое Европа нема да успее да го ограничи ширењето на вирусот во наредните три месеца и е принудена да продолжи со мерките за физичко дистанцирање во текот на летото, невработеноста во ЕУ ќе го достигне врвот од 11,2 отсто во 2021 година, а ќе успее да се врати на нивото од 6,3 отсто пред кризата дури во 2024 година.